Вчера ги добија денеска ги враќаат, какво фајде што петтодделенците на крајот од учебната година ги добија книгите по македонски јазик, кога до денеска ги вратија во училиштата за следните генерации. И тоа, не за секое дете, оти од септември пак некои ученици ќе учат од скрипти, oбјави Алфа. Од иницијативата „Учебници и настава мора да има“, проблемот го лоцираат во несериозноста на Министерството за образование и во Националната комисија за учебници. Велат таму има политичари, а не експерти.

Комични и бурни реакции во јавноста од родителите на кои не им е јасно зошто им се потребни учебници за петто одделение на ученици кои следната година ќе бидат шесто одделение. Кому се потребни овие учебници, нема одговор ниту од министерот Јетон Шекири кој не одговара на телефонските повици и смс пораки од Алфа. Од министерството за образование, пак со истата оправдувачка реторика, велат учебникот имал 4 корекции, па затоа учениците го добиле деновиве.
- – По три неуспешни јавни повици за пријавување на автори за изработка на учебник по македонски јазик за 5то одделение, објавени минатата 2022 година во март, јуни и јули, дури во четвртиот обид во месец август се пријави авторски тим кој достави предлог ракопис. Истиот, подоцна два пати беше вратен на корекција од страна на Бирото за развој на образованието, заради усогласување на сите предложени содржини со новата наставна програма за соодветниот предмет. По неговото конечно одобрување од страна на Националната комисија за учебници, склучувањето на договор со авторите за пренесување на авторските права во април годинава, учебникот графички се уредуваше, по што е пуштен на печатење и дистрибуција до училиштата која заврши деновиве, велат од Министерството.
Проблемот со учебници се повторува последниве со години. Честопати се печатат учебници со грешки, на кои им се потребни корекции, а учениците учат од наставната програма која ја прават учителите согласно нивните капацитети и креативност. Пред неполн месец беше повлечен учебникот по историја за петто оделение бидејќи бил полн со грешки.





