Ако не добиеме за 30% зголемување на платите, ќе го блокираме работењето на Управата за јавни приходи, се заканија вработените кои денеска излегоа протест пред министерството за финансии. Административните работници велат дека се разочарани од игнорантскиот односот на власта, а од министерот за финансии Фатмир Бесими бараат поголема одговорност. Вработените во Управата за јавни приходи од пред министерството за финансии, побараа средба со министерот, кој, како што кажаа – не дал зелено светло за новиот колективен договор, за кој и самиот министер се фалеше. Истиот тој договор, според нив, од неразјаснети причини се уште не бил потпишан.

„Министерството за финансии имаше забелешки на договорот за наводни финансиски импликации по буџетот на Македонија по што се изготви содржина на колективниот договор прифатлива за сите. Но до ден денеска, од неразбирливи причини согласноста за потпишување на договорот не е добиена, а вработените во управата не можат да го остварат своето право на повисоки плати. Затоа решивме да го одржиме денешниот протест. За 14 години платите на вработените во УЈП се корегирани само за 5%, а во последните 4 години ниту еден денар. Ја искажуваме нашата загриженост поради можноста да настанат непосакувани состојби, условени од неисполнување на работните задачи и обврски на вработените при евентуално одржување на генерален штрајк на што се инсистира од страна на вработените“, вели Васе Наданоски, од синдикалната организација при УЈП.

Од синдикатот на УЈП велат дека за изминатите 14 години, платите на вработените во институцијата биле корегирани само за 5%, додека за функционерите за 78% што било крајно разочарувачки за работниците кои едвај крпат крај со крај. Од Синдикатот уште еднаш алармираа на непосакувани состојби, односно генерален штрајк на администрацијата, по што ќе бидат оштетени граѓаните и компаниите зашто нема да можат да завршат ни една работа.





