САД и Македонија потпишаа договор за 10-годишна соработка во одбраната

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин во Пентагон потпишаа Договор за одбранбената соработка помеѓу двете земји, сојузнички во НАТО



Новиот патоказ кој беше потпишан во Пентагон, ги дефинира областите во македонско-американската одбранбена соработка кои ќе бидат приоритетни во следната декада и преку кои ќе се развива одбраната и Армијата.

„С. Македонија, денеска е земја-членка на НАТО и ние заедно со Соединетите Американски Држави стоиме рамо-до-рамо во справувањето со заедничките безбедносни предизвици. Минатата година САД ни дадоа огромна поддршка која не беше само финансиска. Разменувавме знаење и искуство, вежбавме и се обучувавме заедно и ние сме горди што заедно придонесуваме кон безбедноста на НАТО и на регионот“, рече министерката Петровска на состанокот.

Американскиот секретар за одбрана Остин, порача дека Македонија е долгогодишен и одличен пријател на САД со кого споделуваме исти интереси и вредности.

„Горд сум што имаме долгорочно и силно билатерално партнерство“, рече Остин и додаде дека „патоказот за соработката во следните 10 години покажува дека можеме да работиме заедно на модернизацијата и заедно да се носиме со глобалните предизвици“.