Министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи, обзнани дека неговата партија би ја жртвувала и ветената премиерска функција од СДСМ сто дена пред изборите ако тоа го одоброволи ВМРО-ДПМНЕ да гласа за внесување и на Бугарите во Уставот.
„Јас сум малку повеќе информиран од другите поради позицијата министер за надворешни работи. Знам дека сега е време за големи и сериозни компромиси за напредок на државата. Сега се прават отстапки за доброто на сите. Ако Мицкоски ја побара позицијата претседател на Владата до изборите, и за тоа сме подготвени. Подготвени сме да ја дадеме позицијата премиер на ВМРО-ДПМНЕ. Ова се историски времиња и затоа сме подготвени за компромис кој води до решение“, изјави Османи во дебатниот магазин „Клик плус“ на ТВ 21.





