Бугарската фашистичка окупација во Македонија, погромите и бугаризацијата врз Македонците, но и непокорот и борбата за слобода

На 12 јуни 1941 година во селото Горни Дисан – Кавадаречко по една агитаторска акција, бугарските окупаторски војници го убиле Диме Поп Атанасов. Тој е првата жртва на македонското националноослободително движење во борбата против бугарските фашистички окупатори. Диме Поп Атанасов бил првиот од многуте илјадници Македонци и Македонки – патриоти и борци, партизани и комунисти, луѓе од народот, ѕверски убивани, колени и масакрирани од рацете на бугарските фашистички војници и полицајци. Нивните методи за жестока бугаризација на Македонците, сметани како „заостанати“ и „неосвестени Бугари“, но и уште повеќе ѕверските убиства и масакрирања на сите борци за македонската слобода и македонската национална кауза, мора да се имаат предвид особено денес, кога се повампирени повторно бугарскиот новофашизам и великобугарскиот врховизам со нивните нови обиди за претворање на Македонија во втора бугарска држава на Балканот и за „довршување“ на бугаризацијата на македонскиот народ. Што еднаш веќе доживеа пораз во Втората светска војна.  



Фашистичка окупација – „за да се зачуваат редот и стабилноста“

На 19 април 1941 година по капитулацијата на Владата на Југославија бугарските копнени сили влегле во Југославија, тогаш започнува и бугарската фашистичка окупација на Македонија. Со зборови избрани од цар Борис, Бугарија објавила окупација на Македонија и Тракија „заради зачувување на редот и стабилноста на териториите преземени од Германија“. Одушевените Бугари го именувале својот цар Борис како „Цар обединувач“. Бугаризацијата се сметаше како „неопходна“, бидејќи „бугарската природа на териториите мораше да биде неспорна“. Бугарските окупаторски власти ги отфрлија сите тврдења за македонската национална и културна посебност и го третираа македонското население како „заостанати Бугари“.

Огромна нагласка му беше придадена на образованието како средство за бугаризација. Бил основан Универзитет во Скопје по името на Борис Трети. Биле изградени повеќе од 800 нови училишта меѓу 1941 и 1944 година. Македонските училишта биле насилно интегрирани во бугарскиот образовен систем, а македонските наставници биле преквалификувани на бугарски јазик. Новата наставна програма во македонските училишта силно ги нагласи бугарските теми и ја обесхрабри употребата на македонскиот јазик, кој што бугарските власти го сметаа само како дијалект на бугарскиот јазик. Неделниот распоред во училиштата вклучуваше седум часа бугарски јазик, три часа бугарска историја и еден час бугарска црковна историја.

Жесток македонски непокор и отпор против бугаризацијата уште од самиот почеток

Македонскиот народ жестоко се спротивстави на бугаризацијата воопшто и подделно на наметнувањето на бугарскиот јазик. Светол пример за таквиот семакедонски отпор бил и Велес. Воспоставувањето на бугарската власт во Велес значело и почеток на засилена активност на СКОЈ-евската организација во гимназијата. Започнaле акции против просветните власти во гимназијата за спречување на фашизацијата, против носењето училишни униформи, зборување на бугарски јазик, за попречување на наставата и др. Околу 40 гимназијалци беа вклучени во вооружените активности во партизанските одреди. Некои од нив загинуваат во судир со бугарските војски.

Во Велешката гимназија се бранела бескомпромисно македонската кауза. Така било и во пролетта 1942-та, кога се случи познатиот штрајк на гимназијалците, прв во поробена Македонија. „Три дена траеше нашиот отпор кон бугарските власти, како наша реакција на воведувањето бугарски јазик, на носењето бугарска униформа. Ниту еден ученик не стапна во училиштето. Тоа ја покажа силната македонска национална свест кај сите нас.“– се сеќаваше Ристе Ристевски, еден од учесниците во овој штрајк.

Бугаризацијата не беше ограничена на световните институции. Бугарската православна црква бараше интеграција на „бугарско администрираната“ Македонија со егзархијата на Бугарија. На 3 мај 1941 година Синодот на Бугарската црква ја презеде контролата над православните цркви во окупирана Македонија. Основани се нови епархии и беа назначени неколку нови епископи и митрополити. Под раководство на бугарската Влада Синодот донесе свештеници од Бугарија, нареди службите да се вршат на бугарски, а не на македонски јазик и назначи црковна комисија за отстранување на сите остатоци од „небугарската култура“. На Велигден во катедралата во Скопје со службата чиноначалствувал бугарски свештеник.

„Администрирање“ во окупирана Македонија и преку убиства, ѕверства и масакри

Во сите три дела на Македонија за македонскиот народ настапи нова етапа во неговата националноослободителна борба. Во септември 1941 почнале и првите оружени судири со бугарската војска кај тунелот Богомила, на железничката линија Велес–Прилеп и на Водно кај Скопје. Во мај ПК на КП во Македонија формирал Воена комисија за забрзување на подготовките за оружено востание, а во септември и Покраински воен штаб за раководење на оружените акции. Во август бил формиран и првиот Скопски партизански одред. На Јануарското советување во Скопје во 1942 година била направена анализа на состојбата во Македонија по борбените акции на првите партизански одреди и било договорено натамошното водење на оружената борба.

Во летото 1943 година партизанските одреди на Третата оперативна зона “Добри Даскалов“ и “Сава Михајлов” изведоа низа успешни акции против окупаторската полиција и војска. Затоа три полка бугарска војска и силни полициски единици од 7 до 16 јуни 1943 година преземаат офанзива, заради уништување на партизаните. Бидејќи не успеа да ги разбие, или да ги уништи партизаните, бугарскиот окупатор се нафрла на мирното население.

Непојмливи ѕверства извршил тогаш во Тиквешијата. Во оваа окупаторска казнена експедиција се стрелани, или на друг свиреп начин се убиени околу 80 цивилни лица. Кулминација на овие погроми над цивилното население во овој крај е масовното стрелање во Ваташа. На 16 јуни 1943 година, на роденденот на бугарскиот престолонаследник, на најѕверски начин се убиени 12 младинци од Ваташа, меѓу кои деца и ученици од 14 до 16 години. По приведувањето, наводно заради сослушување, тие неколку часа се изложени на бескрупулозна тортура. Потоа над селото се стрелани со митралез и потоа одново се бодени со ножеви: на некои им се бодени очите, а на други им е разбиена главата. Во исто време, во Кавадарци се стрелани 5 лица, меѓу кои две жени на 50 години. Во Неготино се стрелани 4 лица.

Во првата половина на септември 1941 година биле извршени организациски подготовки за оруженото востание во Македонија. Во Скопје, Велес, Куманово, Прилеп, Битола, Крушево, Кичево, Дебар, Струга, Охрид и Ресен биле формирани месни воени штабови и повеќе воени комисии по селата. Во Скопје, Велес, Прилеп, Битола и други градови постоеле посебни диверзански групи, кои вршеле разни диверзански акции. Во текот на подготовките за создавање на партизански одреди, разни диверзански и илегални групи имале повеќе судири со окупаторската војска и жандармерија: диверзанска акција на рудникот Радуша за земање експлозив во август 1941 година, судир кај тунелот Богомила во септември 1941 година и др.

На 11 октомври 1941 година Прилепскиот партизански одред извршил напад врз полицискиот участок во Прилеп, врз прилепскиот затвор и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, со што започнало општо востание на македонскиот народ против бугарската, но и германската окупаторска фашистичка власт, како и против сите нивни домашни слуги – соработници.

По нападот на Участокот во Прилеп безмилосни тепања огромен број прилепчани и „пцуења мајката македонска мрсна“!

Инспекторот на Битолската област Коста Црнушанов во својот Доверлив извештај до Министерството на просвета на Бугарија од 18 февруари 1942 година дава морничаво сведоштво во врска со репресалиите на бугарскиот окупатор во Прилеп по оружената акција од 11 октомври 1941 година, извршена од Прилепскиот партизански одред.

„… започнаа блокада на градот, извршена од воените и полициските власти, и малтретирања – тепања на огромен број невини. … Очевидците и постраданите ми рекоа со плачење: Ако некој гледал како глутница волци ги напаѓа стадата, може да си претстави точно како изгледаше затворањето и тепањето на прилепските граѓани. Фаќан беше секој и каде и да бил најден: дома, во кино, на улица, во кафеана и друго, дотеруван беше во участокот, а оттаму во затворот. По патот, дури беа дотерани до участокот, тие беа тепани до истоштеност и пцуени со мајката македонска мрсна (гнасна)!  Војници,  и полицајци тепаа со кундаци, со стапови, со цевките на пушките, со летви и нозе. Удираа слепечкум: по главата, по грб, насекаде каде ќе стигнат. Околу 300 души беа затворени и тепани. Некои од нив поради тешкиот ќотек беа дотерани по куќите со кола поради тоа што не можеле да одат… …Тепаните се на различни возрасти, од младинци до 70-годишни луѓе…

Подготвил: Свето Тоевски