Претседателот на Бугарија, на вториот ден од преземањето на ротирачкото претседателство на оваа земја-членка со ЕУ, го спречи донесувањето на Законот кој предвидува и конфискација на незаконски стекнатиот имот
Законот, по потегот на шефот на државата, се враќа на ново разгледување во Народното собрание, пренесе Bg.news.
Според шефот на државата, мерките предвидени со Законот, иако неопходни, не биле доволни ефективно да се спротивстават на корупцијата „како појава со мултилатерални димензии, што ги ограничува основните права и слободи на граѓаните, ја еродира довербата во државата и краде од благосостојбата на нацијата.“
Законот помина пред бугарскиот парламент на 20 декември, 11 дена пред Бугарија да го преземе претседавањето со ЕУ.
Токму ова предизвика реакции, како онаа на францускиот весник „Журнал д“ диманш“, кој вчера констатираше дека „Во Бугарија царува мафијашки менталитет и ендемска корупција. (…) Донесувањето на антикорупциски закон, само неколку дена пред почетокот на ротирачкото претседателство со Европската унија е преизнасилено…“
„Бугарија е мала Русија. Царува мафијашки менталитет и никогаш не ги исполни барањата од поставените критериуми“, пишува францускиот неделник, според кој оваа земја е една од трите најкорумпирани држави во Европската Унија.
По преземање на претседателството со ЕУ, премиерот Бојко Борисов изјави дека меѓу главните приоритети за Бугарија е „Западниот Балкан“.
„Предпристапниот период е многу важен за овие земји. Бугарија својот најголем напредок го постигна токму во тој период. И ако му дадеме на Западниот Балкан јасна перспектива можеме да очекуваме добар развој“.
Од друга страна, Даниел Смилов од Центарот за Либерални стратегии од Софија, вели дека (со темата „Запаен Балкан“ – н. з.) владата ќе може да ја дефокусира јавноста од други теми кои што не се корисни за неа како што е битката против корупцијата“.




