„Владејачката косовска партија Ветевендосје ( Самоопределување) и нејзиниот лидер и премиер Албин Курти не го спомнуваат националното обединување толку често како кога беа во опозицијата. Но, на состанокот на Генералниот совет на Ветвендосје, одржан на 11 јуни 2023 година, Курти нагласи: ‘Не ја забораваме важноста на историјата и обединувањето!“ – објави косовскиот весник на албански јазик „Бота сот“ во својата информација со наслов „ Курти: Не го забораваме националното обединување, тоа е главната цел“.
Бота сот“ пишува: „На 10 јуни 2023 беше 145-тата годишнина од Призренската лига и нашите активисти ги носеа повторно паролите ‘Призренската лига е жива’ и ‘Ние сме едно’. Не ја забораваме важноста на историјата и националното обединување.’ – истакна претседателот на Ветвендосје Албин Курти на седницата не Генералниот совет.“
„Тој нагласи дека ‘националното обединување е главната цел’. ‘Нашата цел е одредена од незавршениот проект на Призренската лига, тоа е нашиот компас и нашата политичка мисла.’ – подвлече премиерот и лидер на оваа косовска партија Албин Курти.“
Инаку, на 14 април годинава Билал Касами, лидерот на албанската опозициска партија Беса и градоначалник на Тетово, го пречека Албин Курти како косовски премиер во ненадејна посета во, како што напиша на фејсбук, „Тетово – главниот центар на Албанците во * Македонија, за да разговараат за „актуелните политички случувања во земјата“.
На 27 април Касами се сретна и со претседателката на Косово Вјоса Османи – Садриу во, како што го означи тогаш „Дарданско Тетово“. Таа беше пречекана со изразот „Добредојдовте, наша претседателке!“. Поблиското разбирање на изразот „Дарданско Тетово“ можеби може да се побара во „новото име“ за Косово, кое тамошните Албанци, но и други Албанци од Балканот, го нарекуваат се почесто како Дарданија…
Тогаш Вјоса Османи Садриу имаше кажано дека разговарала со Билал Касами за „Тетово – нашата славна и заедничка историја“, отворајќи ја дилемата: како може македонскиот град Тетово да има, но и каква „славна и заедничка историја“ со Косово?





