

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ и официјално стана најдобар играч на сите времиња во „белиот спорт“. Со триумфот над Каспер Руд во финалето на Ролан Гарос (7-6, 6-3, 7-5), испиша рекорди кои тешко дека некој друг ќе ги урне.
Ѓоковиќ во меч во кој траеше повеќе од три часа му одржа тениска лекција на младиот противник кој е четврти тенисер на АТП-листата и така успеа да дојде до 23-тиот Грен Слем пехар, со кој стана единствен на врвот.
Зад него останаа неговите главни конкуренти во тениската ера Рафаел Надал и Роџер Федерер. Првиот најави пензија следната година, а има 22 Грен Слем трофеи, додека Роџер е веќе во пензија и има 20 Грен Слем трофеи.
Истовремено, Новак Ѓоковиќ стана најстариот освојувач на Ролан Гарос, воедно и првиот тенисер кој ги има освоено сите Грен Слем трофеи најмалку по трипати. Тука се мисли на УС Опен, Австралијан Опен, Ролан Гарос и Вимблдон.
Со победата на турнирот во Париз, Ѓоковиќ се враќа и на челната позиција каде во моментов е Карлос Алкараз.




