Без оглед на сите надмудрувања во врска со евентуалното учество на ВМРО-ДПМНЕ во Владата на Ковачевски, лидерската средба заврши без успех. Смислата на сите комбинации беше Мицкоски беспоговорно и безусловно да прифати внесување на Бугарите во Уставот

Внесувањето „делови од други народи“ во Преамбулата на Уставот не е и никогаш не било проблем. Ова бездруго се однесува и на Бугарите.
Се разбира, ако се остане на овој концепт на Преамбулата, кој е проблематичен самиот по себе и на некој начин му противречи на граѓанскиот суверенитет.
И ако тие „други делови од народи“ не ги оспоруваат базичниот наратив во Преамбулата и други одредби во Уставот, кои зборуваат за македонскиот идентитет и за самобитноста на македонската нација.
Бугарите се единствениот од сите други „дел-народи“ што живеат во Македонија, што го оспорува постоењето на македонската нација и на македонскиот јазик до 1944-1945 година, кога тие се етаблирани, според официјалната бугарска историографија, како производ на Коминтерната, на Тито, итн.
Оттаму – ако остануваме на овој концепт во Преамбулата и ако воопшто сакаме да имаме Преамбула, а и тоа не мора – јасно се наложува потребата да се надмине таа противречност и Бугарите да добијат статус на државотворна нација без при тоа да го загрозат првиот меѓу рамноправните (според Преамбулата) државотворни народи, македонскиот.
Затоа многу разумни луѓе велат дека е потребно да се пронајде вистинскиот начин Бугарите да се „внесат“ во Уставот. Формулата „тури запирка, пиши Бугари“, на која очигледно инсистира Брисел под притисок на Софија, не е тоа. Таа формула, заедно со отфрлањето било каква материјална расправа на оваа тема, е диктат. Бугарски диктат. Таа формула ги прејудицира сите идни решенија на т.н. историска комисија и ние уште сега знаеме дека ако се прифати диктатот, тие идни решенија на спорните прашања во односите меѓу Македонија и Бугарија суштински ќе ги засегнат атрибутите на македонскиот идентитет.
Јас така ги разбирам ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски кога велат дека не прифаќаат измени на Уставот под бугарски диктат.
Мицкоски има два кумулативни услова за прифаќање на уставните измени – тие да стапат во сила на крајот на преговорите меѓу Македонија и ЕУ, а Европа претходно да декларира гаранции за македонскиот идентитет.
Двата услова не се идеално решение, но идеални решенија во политиката нема. Одложената примена на усвоените измени – одложена до крајот на преговорите, како што прецизира Мицкоски, демантирајќи некои спинови – остава можност идните македонски влади спорните прашања со Бугарија да ги решаваат на начин што ќе го одбранат македонскиот идентитет и така ќе ја отстранат опасноста што ја носи почетниот потег. Има тука некоја прифатлива „шаховска“ логика.
Инаку, таа мантра Христијанова е стара, а тврдењето на премиерот Димитар Ковачевски дека на лидерската средба дошло до промена на ставот на ВМРО-ДПМНЕ во насока на конечно напуштање на позицијата „не сакаме Бугари во Уставот“, сепак е само спин.
Сум пишувал во повеќе наврати за тоа како може да се реши спомнатата противречност, но чинам дека најзрелата и најреалистична идеја произлезе од членови на комисијата за уставни измени номинирани токму од СДСМ – имено, „внесувањето“ на Бугарите во Уставот да се овозможи со „збогатување“ на Преамбулата со неколку реченици за историската генеза и за самобитноста на македонската нација и на македонскиот јазик.
Иако се чинеше спасоносна, таа идеја не доби гласност и брзо беше закопана. Тоа покажа дека врвот на СДСМ воопшто не сака, или не смее, да води материјална расправа и дека е цврсто решен да ја прифати формулата што ја предлагаат Брисел и Софија, по принципот „земи или остави“.
Додуша, во политиката нема „земи или остави, но јас за ова прашање не сакам да дебатирам со луѓе кои вчера влегле во светот на „високата“ политика и при тоа не ја знаат ни најновата историја на својата земја.
Нејсе…
Ковачевски ја свика лидерската средба со Мицкоски за да провери дали постои друг начин да го одоброволи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да ги прифати уставните измени така како што се предлага, по бугарски диктат. Тој друг начин е на Мицкоски да му се понуди да биде дел од извршната власт. „Братски“, како што тврди Ковачевски. Дури и со прифаќање на условот ДУИ да ја напушти Владата, како што побара Мицкоски, а тимот на Ковачевски тоа вешто го предвиде.
Никој не може да ме убеди дека Ковачевски би се осмелил да понуди пет ресори, а Бујар Османи и напуштање на ДУИ на Владата, без тој крупен маневар да е договорен со меѓународната заедница и посебно со амбасадата на САД. Заличи тоа на опасен блеф, со еден веќе подзаборавен пржински шмек, потег кој немаше да остане само блеф ако Мицкоски се согласеше да го продолжи разговорот за влез во Владата без неговите условувања за влезот на Бугарите во Уставот.
Освен тоа, склон сум да помислам дека и онаа предновогодишна промоција на проектот на Зоран Заев „влада на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ без ДУИ“ била само еден лукав петинг, за да се предизвика благопријатна навлажнетост пред финалниот обид со една ваква пенетрација во Владата да се одоброволи партијата без која нема двотретинско мнозинство за уставните промени. Се сметало на тоа дека лидершипот на ВМРО-ДПМНЕ ќе падне во оргазмички занес дека власта е освоена и пред изборите…
Ќе беше тоа крупна стратешка грешка на Христијан Мицкоски. Учеството на најмоќната опозициска партија во една широка „преодна“ влада, чија цел би била беспоговорно прифаќање на бугарскиот диктат, за ВМРО-ДПМНЕ би значело брзо опаѓање на сега растечкиот рејтинг и ризик од губење на изборите. „Братски“ доделените пет министерски места за неколку месеци ќе се претвореа во исто толку „братска“ клоца во задникот. Ќе беше тоа автогол во 90-та минута…
Целата колумна на Бранко Героски за Плусинфо на следниот линк:





