Македонија решението за името мора да го бара само преку СБ на ОН и да се избори да се прекине медијацијата и да се ревидира нелегалната референца.
Сосем е погрешно дека во Генералното собрание (ГС) на ОН можеме да го решиме проблемот со нашето име, по аналогијата дека ако „ГС на ОН гласаше против Трамп, може да гласа и за уставното име на Македонија“, вели амбасадорот Ристо Никовски во колумна на МКД.МК во која спори со ставовите на Македонскиот дипломат и експерт за меѓународно право, Игор Јанев.
„А меѓу двата случаи нема никаква врска. Прво и основно, резолуцијата на ГС на ОН против одлуката Трамп за Ерусалим е необврзувачка и е само политички потег (за САД памфлет) со кој огромниот дел од светот изрази незадоволство за избрзаноста која тој ја демонстрираше“ вели Никовски според кој ништо не се промени. Признавањето си остана.
Оттаму смета Никовски, Македонија решението за името мора да го бара само преку СБ на ОН, каде треба да го врати предметот и да се избори да се прекине медијацијата и да се ревидира нелегалната референца.
Амбасадорот вели дека од последното гласање во Генералното собрание треба да се извлечат две поуки: Жестоката реакција на САД околу гласањето на земјите во врска со Ерусалим само потврдува како тие се однесуваат дури и кога воопшто не се во право.
Втората поука од случајот со Ерусалим е уште појасна: голем дел од светот го осуди потегот на Трамп дури и нивните најблиски сојузници. Имаше маса на земји кои беа револтирани и тогаш лесно било што да помине во ГС на ООН. Особено нешто што е необврзувачко. Со САД беа вкупно седум земји меѓу кои Науру и Палау кои тешко се наоѓаат во атласите.
“Во нашиот случај, ситуацијата е апсолутно обратна. Никој не нѐ подржува. Ако тргнеме по патот кој го заговара Јанев, сите ќе бегаат од нас како ѓаволот од огнот, вели Никовски.
Македонија требаше да биде воздржана при гласањето во ГС, заклучува тој. Во дадените услови нам најмалку ни требаат недоразбирања со Вашингтон иако односите со Тел Авив ни се важни и многу добро се развиваат.
„Ние ништо нема да промениме кај другите, а прагматизмот најубаво ни стои“.





