Министерството за култура издвои само 204 илјади денари за претстојните „Рацинови средби“ кои по 60. јубилеен пат ќе се одржат од 9 до 15 јуни во Велес градот на поетот Коста Солев Рацин.



Тоа е речиси 50 проценти помалку споредено со минатата година кога беа издвоени 382.000, информираше Александра Андреева која ги организира Рациновите средби преку делегирана надлежност на ЗГ Плус Публика.

Андреева, вели дека годинава заедно со Општина Велес од Министерството за култура за Рациновите средби побарале 600 илјади денари, а добиле двојно помалку од лани.

Годинашната богата програма за претстојните 60 јубулејни Рацинови средби ќе ја чини Општина Велес околу 1 милион денари, во што е вклучен и паричниот дел од 60.000 денари за добитникот на „Рациновото признание“, како и за Втората атлетска трка „Трчаме за Рацин“ што на 11 јуни вечерта ќе се одржи низ велешките главни улици со над 500 учесници.

Годинава 60-те „Рацинови средби“ ќе започнатасо посета на родната куќа на поетот и револуционер Коста Солев Рацин во стариот дел на Велес, а посетата насловена „На гости кај Рацин“ е слободно за сите заинтересирани.

На маратонот ќе се трча од Велес до планината Лопушник – местото на погибјето на Рацин, а ќе се одржи и Планинарски марш во чест на Рацин исто на планината Лопушник.

Во соработка со Институтот за македонски јазик и годинава ќе има Научен симпозиум за Рацин, како и промоција на серијалот за Коста Рацин-Црвениот поет.

Во рамките на програмата ќе има традиционално поетско читање освен на возрасни и на млади поети.

На свеченото затворање со богата програма ќе бидат врачени и Почесното и Рациновото признание за 2023 година. (МИА)