„Катимерини“: Момент на вистина за спорот со името

„ Додека немаше решение, грчките политичари можеа да го обвинуваат Скопје за неговата непопустливост и да чекаат безусловно предавање на другата страна. Тие ја оставаа одговорноста за (постигнување) компромис на некој друг, за некогаш во иднина, пишува во уводниот коментар денешен „Катимерини“.



Моментот на вистината, оној што грчките политичари се надеваа да го одложуваат до бесконечност, пристигнува. Блокадата на преговорите за финално име за Република Македонија им одговараше:  тоа не обврзуваше ниту една влада, партија или политичар да го направи она од што сите стравуваат – да преземат одговорност за компромис.

Ова не значи дека опасноста од нашиот мал северен сосед е ирелевантна, но штетата што беше предизвикана од неможноста да се најде решение задоволително за двете страни имаше последици далеку поголеми од оние предвидени на почетокот на проблемот, констатира весникот.

Откако констатира дека спорот настанал поради тоа што двете страни не сакале компромис, „Катмерини“ пишува дека „иредентистичката пропаганда од Скопје ги потврдила грчките сомневања за намерите на националистите од другата страна на границата. Атина наметна ембарго на својот сосед во 1990-тите години, а претставниците на двете земји се судираа на меѓународни форуми или спортски настани каде што нашите соседи се појавуваа со името Македонија“.

Штети имаше не само за билатералните односи туку и во домашните случувања на двете земји каде бил поттикнат национализмот кој ги спречувал сите шанси за компромис, пишува авторот на уводникот.

Денес, сепак, е јасно дека дури и без самитот на НАТО идното лето, време е за решение“ се констатира во написот.

Ќе треба политичка храброст од двете страни пишува „Катимерини“.

Ако проблемот ги дели нашите политичари, ќе видиме кој се осмелува да бара решенија а кој размислува само за политички поени, кои ги презема проблемите и кој ги остава на другите.

Борбата меѓу партнерите на коалиционата влада и другите партии е најмалата цена што ќе треба да ја плаќаме со години ако „македонското прашање“ остане нерешено.