На виделина нова епизода од сапуницата во Судскиот совет – допрва ќе се „чешла“ работата на екс претседателка Дамева полна со афери

На површина испливуваат еден куп афери од екс претседателката на судскиот совет Весна Дамева, која имала судир на интереси во постапувањето. Иако таа смета дека против неа се води хајка, сепак дел од медиумите веќе излегоа со факти кои целосно ја негираат. Јазолот ќе се разврзува идната недела. Судскиот совет в понеделник ќе ја „чешла“ работата на поранешната претседателка Весна Дамева.



Од судскиот совет потврдуваат дека под точка разно ќе се дискутира дали Дамева додека била претседателка, имала судир на интерес и учествувала во постапки за оценување на судии, кои суделе предмети каде оштетен или странка бил нејзиниот сопруг или компанијата на која е генерален директор.

Дел од медиумите објавија дека Дамева испратила два дописи до Советот, но пост-фестум.

Дамева ова го оцени како тенденциозно извртување на факти и смета дека се води организирана хајка против неа. Во пишан став за Телевизија Канал 5, тврди дека веднаш штом дознала дека сопругот бил оштетен во еден предмет писмено го известила Советот и со тоа постапила законски.

Сосема е јасно дека мојот сопруг не е судија ниту кандидат за судија ниту пак јас сум учествувала во постапка која се одлучува за него. Фактот дека компанијата во која работи се јавува како странка или оштетен пред судот не значи дека јас априори можам да бидам пристрасна, туку постапувајќи законски и морално го известив Советот, веднаш во моментот кога дознав за наведените околности. Сосема ми е јасно дека јас сум пречка за да може работите да се одвиваат онака како што некој сака и замислил и обидите за мое “отстранување“ и како член на Советот ги најавив во една од претходните изјави“, изјави за Канал 5 Весна Дамева.

По драматичните случувања во Судскиот совет околу разрешувањето на Дамева, минатата недела холандскиот амбасадор Коп соопшти дека Холандија го става во мирување проектот МАТРА, а ова тело го нарече „нелегитимно.“

Меѓу таргет и „Таргет“ – Овој случај предизвикува големо внимание, бидејќи меѓудругото во фокусот повторно е предметот „Таргет – Тврдина“ и апелацискиот судија Енвер Беџети, за кој Судскиот совет утврди дека девет месеци неоправдано го држел капиталниот предмет за масовното прислушување. Во „Таргет-Тврдина“, сопругот на Дамева наводно бил оштетена странка, а таа гласала за поддршка на извештајот на Комисијата која предложила покренување постапка за разрешување на судијата Беџети.

Тензиите во Судскиот совет почнаа токму во пресрет на иницијативата за утврдување одговорност на Беџети, кога дел од челновите на СС наводно барале таа иницијативата да се стави на седница, а други – да се стопира. Епилогот беше разрешување на претседателката Весна Дамева во незаконска постапка, но немаше ни збор за посочената иницијатива за одговорност на судијата.

Дамева по разрешувањето во мај поднесе тужба до Управниот суд со која ја оспорува законитоста на донесената одлука за нејзино разешување од функцијата претседател на Судскиот совет, а поднесе и кривична пријава до Основното јавно обвинителство поради постоење на основи на сомнение за сторено продолжено кривично дело злоупотреба на службената должност и овластување. Откако не е претседателка, смета дека на некого му пречи и како член на Советот.

Критиките релевантни, изјавите непријатни

Иако по незаконската смена на Дамева во експертската јавност доминираа оценки дека Судскиот совет треба да поднесе колективна оставка, бидејќи е искомпромитирана неговата работа, такво нешто не се случи. Минатата недела холандскиот амбасадор во Македонија, даде многу остри критики за состојбата во правосудството, со акцент и на Советот.