Медијаторот Нимиц има асистентка Гркинка

Специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН во грчко – македонскиот спор за името Метју Нимиц од неодамна има нова асистентка која што е од грчка националност.



Гркинката Елеанор Деметриадес е негова прва соработничка откако медијаторот Нимиц се пензионирал во компанијата Џенерал Атлантик каде до неодамна беше дел од менаџерскиот тим.

Амбасадорот Нимиц ја потврдил информацијата за Обединетата Македонска Дијаспора во Вашингтон. Во одговорот американскиот дипломат кој 24 години е дел од македонско – грчкиот спор напишал дека тој не прави истрага за етничката или религиозната припаадност на луѓето со кои работи.

Деметриадес од страна на Џенерал Атлантик е задолжена за асистенција на пензионираните менаџери на компанијата.

Според ОМД разбирливо е што во бизнис светот не се прават проверки за националноста на соработниците но кога се работи за медијатор во спор меѓу Грција и Македонија спорно е што Нимиц како неутрален посредник има асистентка со грчко потекло.

Според Обединетата Македонска Дијаспора грчката асистентка во ваква деликатна ситуација не е добар избор, и претставува конфликт на интереси поради што е испратено писмо до Генералниот Секретар на ОН од кого се бара објаснување и прекин на преговорите за името.