Цената на струјата, најверојатно, нема да порасне за 13% како што бараат дел од енергетските компании. Ова го посочува министерот за економија, Крешник Бектеши, потсетувајќи дека и минатата година некои од компаниите бараа зголемување и до 100%. Тој повтори дека конечната одлука ќе ја донесе регулаторната комисија. Според министерот, ЕСМ засега нема побарано од владата да се утврди цена со која ќе учествува на тендерот.

- – „Претходната година енергетските компании бараа зголемување, ако се сеќавате – 78 отсто, па надминаа и над 100 отсто некои компании. Не е важно колку бараат тие, важно е колку ќе се одобри од Регулаторната комисија за енергетика и која ќе биде цената што ќе ја утврди Владата на ЕСМ, која ќе ја даде кон универзалниот снабдувач, во овој случај ЕВН, цена што важи за домаќинства и мали потрошувачи. Тоа значи дека 13 отсто зголемување, кое е барање од страна на енергетските компании, најверојатно нема да се прифати. Јас можам да кажам дека нема да се прифати цената што би можело да ја бара ЕСМ, а работа на Регулаторната комисија за енергетика е да направи калкулации за барањето од страна на МЕПСО и другите компании“, рече Бектеши.
Инаку до регулаторот се пристигнати сите барања за цената на струјата и доколку бидат прифатени тоа би значело евентуално зголемување за 13%, рече првиот човек на РКЕ Марко Бислимовски.
Според него, регулаторна во наредниот период ќе ги анализира барањата, а одлуката ќе ја соопшти следниот месец. Бислимовски соопшти дека електродистрибуција има побарано зголемување на цената за дистрибуција од 32%, мемо, операторот на пазарот на електрична енергија, од 83,3%, а Мепсо како оператор на преносниот систем од 53,51%. Процентот што го бара мемо, според него, навидум е голема бројка, но влијанието на цената е под 0,5 проценти. Вкупното влијание на цената на мепсо, пак, е нешто под пет проценти. Но сите овие најави, за министерот за економија се неофицијални и допрва ќе се одлучувало за тоа.





