Курти: САД „омекнуваат“ за сметка на Вучиќ

Во изјава за „Гардијан“ Курти го изрази своето незадоволство од изјавата на Ентони Блинкен, кој оценил дека одлуката за употреба на сила за влез во општинските згради на северот е донесена „против советите“ на САД и европските партнери и дека „тензиите ескалираа на непотребен начин“.



Изјавата на Блинкен Курти ја нарече „омекнување“ кон српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Мислам дека тоа не само што е неправедно, погрешно и навредливо, туку во исто време е и многу наивно. Можеби секретарот Блинкен ќе го објасни ова дополнително еден ден, но дефинитивно не беше корисно“, рече Курти.

Тој откри дека разговарал со американскиот специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, и дека Ескобар притоа побарал од косовските власти да ги преместат градоначалниците во други објекти или да работат од дома, но Курти тоа го одбил.

„ Демократската република не може да се предаде на фашистичка милиција“ вели косовскиот премиер.

Освен острите изјави на Блинкен, откажувањето на учеството на големите воени вежби на НАТО е првата последица што ќе ја почувствува владата на Курти поради акциите на северот на Косово.

„За Косово, овие вежби се завршени“, изјави американскиот амбасадор во Приштина Џефри Ховениер, наведувајќи дека владата во Приштина ги игнорирала американските повици за деескалација на ситуацијата во општините на северот на Косово.

Ховениер, истовремено, предупредил на дополнителни последици од ваквиот пристап на косовските власти.

САД препорачале на своите претставници да се возджат од средби со косовски претставници и посети на Приштина, како и паузирање на дипломатските активности за признавање на независноста на Косово од трети земји.