
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски на прес конференција ја повика претседателката на Советот, Габриела Илиевска за брзо постапување по забелешките на државниот инспектор и ставање на неколку точки на дневен ред на седницата на Совет.
„Моја должност, но и обврска на сите нас кои сме ја добиле довербата од Вас, е да работиме, да се фокусираме на проекти и одлуки, со кои Битола ќе напредува, со кои ќе се реализираат активности и ќе се подобруваат условите во општината.
За жал, како никогаш досега, имаме ситуација во која, претседателката на Советот, во континуитет, веќе 2 месеци, личните желби и интереси, ги става над потребите на граѓаните.
Искажувајќи некакво незадоволство од локалната самоуправа, останува на функцијата за која е платена со пари на битолчани и се обидува да докаже некаква своја правда, дури и кога не само јас како градоначалник, советниците и општинските служби, туку и повисоките државни институции и укажуваат дека постапува погрешно.
Покрај донесеното решение од државниот инспектор за локална самоуправа, претседателката одбива да постапи по истото и да ги стави на дневен ред точките со кои:
– Пред почетокот на летото кога постои најголема опасност од пожари, ќе се усвои Програмата за работа на ТППЕ Битола,
– Програмата за финансирање и изработка на урбанистички планови, што е директно поврзано и со потребите на бизнис секторот од Битола,
– Измената на Програмата за развојни планови, со што ќе се овозможи уредување на просторот кај поранешен ЈАТ.
Блокадите и кочниците всушност покажуваат дека да се работи ПОИНАКУ, значи да се покажува самоволие, ароганција и фрустрации и сето тоа на штета на сите нас, Битола и битолчани.
Ваквата ситуација мора да се промени. Затоа, до претседателката на Советот испратив иницијатива за брзо постапување по забелешките на државниот инспектор и ставање на наведените точки на дневен ред, меѓу кои е и точката за донесување на одлука за утврдување и исплата на надоместок на штета предизвикана од каснување од бездомни кучиња на јавни површини.
Општина Битола, мора да продолжи да функционира, а секој кој не е подготвен за одредена функција, треба да најде начин тоа да им го образложи на граѓаните. Проектите ќе продолжат, а Битола ќе напредува. Очекувам ова да биде желба и начин на делување и на претседателката на Советот, зошто на тоа јавно се обврзала“ рече градоначалникот Коњановски.
https://youtube.com/watch?v=fWi_CExOnrs%3Ffeature%3Doembed





