Најава за силни уцени кон опозициските пратеници за уставните измени

Покрај најавата дека е цврсто решен да го потпише договорот за „Бехтел и Енка“, претседателот Стево Пендаровски на вчерашната прес-конференција, случајно или не, упати порака за уставните измени, односно за внесувањето на Бугарите во Уставот и прилично ја зачуди македонската јавност со своето необично барање:



– Собраниската процедура за уставните измени да започне и без обезбедено двотретинско мнозинство – порача шефот на државата – пренесува Плусинфо.

Дел од политичките аналитичари со коишто разговараше Плусинфо сметаат дека ваквата изјава на претседателот не претставува ништо друго освен најава за силен притисок и за уцени што наскоро ќе бидат извршени врз пратениците од опозицијата за да гласаат за уставните измени.

Други, пак, не гледаат ништо спорно и проблематично во изјавата на Пендаровски, туку напротив, како што појаснуваат експертите, советот на претседателот е да не се губи време со лепење етикети врз луѓето, но и да се отвори некаква дебата којашто ќе нѐ доведе до решение.

Во меѓувреме, раководството на најголемата опозициска партија во земјава ВМРО-ДПМНЕ веќе почна да се жали дека притисокот врз пратениците е пуштен на најјако.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, директно го обвинува премиерот Димитар Ковачевски дека оди по странски амбасади и ги моли амбасадорите да извршат притисок врз пратениците од опозицијата за да ги изгласаат уставните измени.

Точно е дека имаме сериозни притисоци за прифаќање на бугарскиот диктат. Мислат дека со повици за средби, со поединечни разговори ќе попуштат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Христијан Мицкоски ВМРО-ДПМНЕ

– Наместо да работи на гаранции за Македонија, премиерот оди по амбасади и коленичи и моли да го притискале ВМРО-ДПМНЕ, да правеле притисок врз ВМРО-ДПМНЕ да попушти. Наместо да штити државни интереси и да бара гаранции Македонија да не биде понижена, Ковачевски оди и моли да има притисок врз нас за да го прифатиме неприфатливото. Секогаш сум бил искрен, и наспроти сите политичари познати од лошото искуство и минато на нашиот народ кои лажеле за состојбите во кои се наоѓаме, секогаш ја кажувам вистината. Точно е дека имаме сериозни притисоци за прифаќање на бугарскиот диктат. Мислат дека со повици за средби, со поединечни разговори ќе попуштат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Но, и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, исто како и јас, единствено што сме должни е да го слушаме народот на Македонија – порача Мицкоски.

Тој посочи дека од власта се поклонуваат пред канцеларии и кодошат по амбасади, додека, пак, опозицијата единствено му се поклонува на народот.

– По линија на помал отпор за да останат на власт, поисплатливо им е да го губат достоинството и да газат по Македонија. Јас  и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, единствено се поклонуваме и го слушаме народот. И никогаш, повторувам никогаш, нема да прифатам да се свитка кичмата на Македонија. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се со народот на Македонија и секој еден од нив, секој еден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја има мојата поддршка да истрае. Да го слуша народот и да биде на страната на Македонија. Секој еден пратеник, ја има огромната поддршка од граѓаните да истрае во оваа наша битка – порача Мицкоски.

Мицкоски додаде дека повеќе од 80 проценти од македонскиот народ е против прифаќање на бугарскиот диктат.

Целата анализа на следниот линк:

https://plusinfo.mk/chumu-sobraniska-sednicas-bez-dvotretinsko-mnozinstvo-shto-stoi-zad-novata-vladina-taktika-za-pritisok-vrz-protivnicite-na-eu/