Македонската јавност има прилика секојдневно да го следи моето однесување. Знае дека во неколку наврати за битни проекти сум имал спротивни мислење од Владата или од партиите што ме поддржаа и 2014 и 2019. Никогаш не сум калкулирал со поддршка, рече претседателот Стево Пендаровски како одговор на прашањето дали со потписот на Законите за „Бехтел и Енка“ очекува да добие поддршка од СДСМ и ДУИ за втор претседателски мандат.
Според него, тоа се детски анализи и никогаш не разговарал на тој начин.
Според него, тоа се детски анализи и никогаш не разговарал на тој начин. Ако е нешто во прилог на граѓаните, го потпишувам, ако е нешто спротивно на нивните интереси, кој и да се јави не може никој да ми влијае. На многу инстанци сум покажал дека размислувам со своја глава. Во моментов не размислувам за нов мандат, кажа Пендаровски. Ако имаш страв за нешто во животот, не се впушташ во нешто, не само во политиката. Најбитно е да имаш доверба во себеси. Ако самиот се чувствуваш подготвен, не постои некој страв кој може да те натера да останеш дома да гледаш телевизија, потенцира претседателот запрашан „дали му е страв дека министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски може да биде поддржан од власта како кандидат за претседател на наредните избори“.
Од друга страна пак, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска беше запрашан од новинарите дали би се кандидирал за нов претседател на државата, на што одговори дека тоа е политичко прашање без конкретно да се изјасни.
-Партиските и политичките работи ќе ги оставиме за партијата. За сите политички прашања ќе разговараме таму каде што е местото. Денес сме овде заради интересот на лицата со посебни потреби, глувите, наглувите, за проектите што ги имаат, за поддршката од институциите и за мене е поважно да работиме секој ден во интерес на граѓаните и да помогнеме на категорија граѓани, истакна Спасовски за тоа дали размислува да го наследи претседателот Стево Пендаровски.







