По тешката навреда од Бутарис, Заев да не оди во Солун!

По срамното тврдење на солунскиот градоначалник, Бутарис, дека македонскиот премиер „самиот се повикал“ Новогодишната ноќ да ја помине во Солун, најмалку што може да направи Зоран Заев е со индигнација да ја отфрли не само оваа, туку и сите наредни посети на овој грчки град.



Градоначалникот на Солун, во средината на ноември го посети Скопје и беше примен на „највисоко ниво“  од премиерот, па дури од шефот на државата ЃорЃе Иванов, иако по протокол, тој требаше да има средба само со градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

„Градоначалникот денеска ме покани да ја дочекаме заедно Нова година. Јас секако ќе размислам за оваа понуда, па можеби таму да ја дочекаме Новата година, заедно и со премиерот на Грција, Алексис Ципрас“, изјави тогаш премиерот Зоран Заев, по средбата со градоначалникот на Солун Јанис Бутарис.

Солунскиот градоначалник исто така изјави дека и претседателот Иванов не му е туѓо одењето во Солун.

Она по што неговата посета стана „вест“ беше зборот Македонија, со која ја нарече земјата домаќин.

Следеа критики во грчките медиуми, но и од политичките партии за „гафот“ на градоначалникот кој е по потекло од Крушево.

Она што изненадува е што на Бутарис му беа потребни речиси два мееци да обзнани дека не го поканил македонскиот премиер, што е еднакво на дипломатски скандал без преседан.

„Кога го посетив Скопје во ноември се сретнав со него и тој ми рече дека сака да ја помине Нова година во Солун. Јас му реков да дојде, времето е добро и ќе има убав престој. Како можев да претпоставам дека тој тоа ќе го разбере како официјална покана? Сега разбрав дека 15-сетина пријатели на неговите пријатели резервирале соби во хотелот ‘Македонија палас’. Јас немам врска со тоа. Ако ми се јави, ќе одам да се видам со него. Ако не ми се јави, тогаш тој ќе ја помине ноговодишната ноќ со неговите пријатели“, изјави Бутарис за грчкиот весник „То Вима“.

Новата власт во Македонија демонстрираше отворена политика на добрососедство кон соседите и особено кон Грција.

Сосема е веројатно дека Бутарис ретерирал под притисок на домашната јавност и политичките елити кои се обидуваат да изнудат за нив прифатливо име за Република Македонија.

Но, на социјалните мрежи се појавија негативни реакции за ставот на владата дека премиерот ќе ја помине новогодишната ноќ во Грција, каде што ќе биде во приватна посета и притоа ќе има заедничка вечера со Бутарис.