Политичарот што ја згасна Либералната партија и со години не може да формира нова затоа што нема доволно членови да потпишат пристапница тврди дека нема македонска нација.
Ивон Величковски, последниот лидер на Либералната партија која ја доби во владение од Стојан Андов по што ја згасна затоа што немаше поддршка меѓу граѓаните сега тврди дека нема формирана македонска нација.
По низата колумни во кои ги напаѓа Македонците за сите маки на Македонија Величковски го поставува прашањето дали постои македонска нација и дава негативен одговор.
Величковски по распадот на ЛП со години се претставува како лидер на правно непостоечко движење ,,Нова Република” кое никогаш не е формирано.
,,И на крај, за непријатното:
Низ призма на општеството киднапирано од партии и проектно-фондациски грантисти, всушност, пореално е прашањето постои ли воопшто нација на (Северна) Македонија, од 1991 до денес?
Народи има, но нација како политичка форма на економска, политичка, културолошка целина со заедничка цел за просперитет на рамноправни и компетитивни поединци и заедници во динамичен регион, континент и свет – допрва се гради”, пишува Величковски повторувајќи ги старите тези кои малкумина може да ги разберат целосно.
Она што во неговите понекогаш спонзорирани тези на социјалните мрежи е јасно е дека тој дава поддршка на владеењето на СДСМ и ДУИ при што негативецот е секогаш ВМРО-ДПМНЕ.
Во продолжение целиот негов пост во кој тврди дека нема македонска нација:
Оној што тврди дека Рамковниот договор е надминат фактички бара бинационална држава. Со или без дополнети народи во Уставот.
Затоа раководството на ВМРО ДПМНЕ и особено Мицкоски треба да одлучи и јавно да одговори дали и натаму го поддржува Рамковниот или не.
Да се потсетиме, потпишан од неговиот прв партиски претседател, Георгиевски, неоспорен од неговиот втор претседател и претходник, Груевски.
Тука некаде завршува моменталната вештачка дебата на “Живаљевиќи” околу уставните измени.
Затоа што бинационалноста на Македонија, како и промената на нејзините граници ја спречува токму – Рамковниот договор од 2001.
Не затоа што е неможна, туку затоа што е нефункционална – пред се за Македонците.
Со многу разбирање токму за потребите на Македонците – како на сите во Македонија, така и на сите околу Македонија и особено на гарантите на Рамковниот договор – ЕУ и САД.
Уште побитно, 2001 ги постави темелите на инсистирањето на рамноправноста во Македонија. На Албанците, Бошњаците, Власите, Ромите, Србите, Турците со Македонците? Да.
По промената на Преамбулата и на Бугарите, Евреите, Хрватите, Црногорците…? Да.
Но пред се на рамноправноста на Македонците со системските Македонци инсталирани во секоја пора на (право)судството, финансиите, медиумите, партиите, Комората.
Што им го кине монополот на системските. И им го руши системот од кој ги црпат привилегиите.
Од ова им произлегува поривот распоредени низ партии, медиуми, невладини, комори да спречуваат суштинска интеграција на Скопје во НАТО и да ги кочат евроинтеграциите – ако тие не се власт.
Од тука потекнуваат викотниците против секој процес и ликови што го нарушуваат системскиот монопол на моќта на избраните и лојалните од 1918, а особено од 1945 наваму.
И на крај, за непријатното:
Низ призма на општеството киднапирано од партии и проектно-фондациски грантисти, всушност, пореално е прашањето постои ли воопшто нација на (Северна) Македонија, од 1991 до денес?
Народи има, но нација како политичка форма на економска, политичка, културолошка целина со заедничка цел за просперитет на рамноправни и компетитивни поединци и заедници во динамичен регион, континент и свет – допрва се гради.
Дебатата за уставот секако не треба да се смета за затворена. Напротив. Но за вистинските прашања.






