Родителите на децата кои се запишани во градинката „Детска радост“ се заканија со бојкот, бидејќи разрешената директорка беше вратена повторно на функција, со одлука на министерката за труд и социјална политика.
Тие реагираа во писмен допис до медиумите. Велат дека се згрозени од одлуката на Јованка Тренчевска да ја врати старата директорка Анета Петровска на функција, откако таа беше првично разрешена од градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски.
Родителите вечерва ќе одлучуваат како следно ќе постапат и дали ќе бојкотираат.
„Ние родителите на децата кои секојдневно се згрижуваат во детската градинка Детска радост во клоновите во Автокоманда и Железара ЗГРОЗЕНИ сме од донесената одлука на Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска повторно да ја именува разрешената директорка Анета Петровска за директор на градинката на нашите деца.
Јавно ја прашуваме Министерката Тренчевска:
Дали почитувана Министерке, Вие би ги пуштиле Вашите деца и Вашите внуци да посетуваат градинка која ја води директорка за која изминатиот еден месец во јавноста видовме документи и докази за сторено кршење на многу закони?
Дали почитувана Министерке, Вие би дозволиле за Вашите деца да се грижи некој што не почитува Закон во неговата работа?
Зошто почитувана Министерке, преку грбот на нашите деца ги спроведувате Вашите политички битки? Зошто откако ги одземавте надлежностите, не именувавте друго лице за директор на градинката, туку ја вративте разрешената директорка?“ – стои во дописот.





