Холандскиот амбасадор: Договорот за коридорите НЕ е усогласен со ЕУ и се злоупотребува европското знаменце

Холандскиот амбасадор Коп: Договорот за коридорите НЕ е усогласен со ЕУ и се злоупотребува европското знаменце, корупцијата најголем проблем во земјава

Во неделното интервју за Радио Слободна Европа, холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп, жестоко ги критикува состојбите во судството и борбата против корупцијата. Амбасадорот зборува за политички влијанија во сите сфери од правосудниот систем, за лошите резултати во спроведување на реформите, за злоупотребата на европското знаме и последиците за македонските евроинтеграции.



РСЕ: Може ли употребата на европското знаме за законите поврзани со проектот за изграба на коридорите 8 и 10д да има последици во натамошниот процес за евроинтеграции на Македонија?

Да, мислам дека може. ЕУ законодавството е многу јасно. Не може да ги игнорирате правилата за јавни набавки, односно да ги избегнете тендерските постапки во договорот. Има два услови кога е дозволено тоа. Првото е кога се работи за национална безбедност, кога имате тенкови на границата, не мора да чекате најдобар договор за да купите оружје и вториот е кога се работи за национална катастрофа. На пример, ако се случи земјотрес, не губите време за да купите крвна плазма, таа ви е потребна веднаш. Значи ЕУ законодавството е важно, а договорот со Бехтел и Енка не се совпаѓа со тој опис и не е усогласен со ЕУ законодавството. Исто така и целиот начин на кој е спроведен, е прилично нетранспарентен, што е исто така и мислење на ММФ на пример. Па, може ли Северна Македонија да го направи тоа? Па… национална катастрофа може да биде само ако кажете дека состојбата со инфраструктурата е национална катастрофа, но не мислам дека некој го прави тоа. Може ли Северна Македонија да го направи тоа? Да може, но само затоа што не е членка на ЕУ. Може ли следните постапки како оваа да станат проблем кога сакате да сте во Унијата, да, би кажал дека тоа е прашање.

Во врска со ЕУ знамињата јасно е, ЕУ веќе објави став дека употребата на европско знаме тука е погрешна, знаменцата се наменети за законите кои треба да ја доведат земјата поблиску до остварување на а-кито, до Копенхашките критериуми и со години ние и не само ние и други претставници на ЕУ делегацијата предупредувавме на злоупотребата на европското знаме во овој процес. Аргументот кој се користи за злоупотребата на знамето е да се одбегне филибастеринг од опозицијата во Парламентот. И да, се разбира, тоа е дилема. Но, прашањето е дали ќе го употребите европското знаме за прашања кои немаат некоја поврзаност со европското законодавство. А според наше мислење, токму тоа се случува сега со овој договор.

Целото интервју со него, погледнете го на Радио Слободна Европа.