Полска никогаш нема да се откаже од барањето репарации за штетите направени за време на Втората светска војна од Германија, изјави премиерот Матеуш Моравјецки.
Во интервју за Радио Полска, тој рече дека би било позитивно да се поправи она што се случи за време на војната со признавање на репарациите барем во минимална мерка, пренесува Ал Џезира
Одговарајќи на прашање во врска со забелешките на германскиот амбасадор во Полска, Томас Багер, за воените репарации, Моравјецки рече дека амбасадорот направил морална и политичка грешка.
Багер во средата рече дека прашањето за германските репарации за Полска е „Пандорината кутија и би било подобро оваа кутија да остане недопрена“.
Моравјецки рече дека тоа ќе биде долг процес, но вети дека никогаш нема да се откаже.
Полскиот премиер рече дека верува оти и следната генерација политичари ќе инсистира на барање за репарации.
Минатиот септември, Варшава презентираше сеопфатен извештај во кој детално се опишани материјалните загуби што земјата ги претрпе за време на војната, заедно со ветувањето дека ќе побара 1,3 билиони евра репарации од Германија.







