Премиерката на Данска Мете Фредериксен се појави на списокот сериозни кандидати да го води НАТО, откако доби покана за посета на Белата куќа.
Вашингтон објави дека претседателот Џо Бајден ќе биде домаќин на Фредериксен следниот месец, што ги поттикна шпекулациите во седиштето на НАТО за тоа дали САД ќе ја поддржат данската лидер за шефица на НАТО, место кое традиционално е резервирано за Европеец, но бара благослов од Вашингтон, пишува Политико
Актуелниот генерален секретар, Јенс Столтенберг, треба да ја напушти функцијата на крајот на септември по повеќекратно продолжување – иако е можно тој да остане на функцијата уште неколку месеци ако лидерите на Алијансата не се договорат за негова замена.
Сојузниците бараат политичар од ранг на шеф на влада, а имајќи предвид дека сите претходни шефови на НАТО биле мажи, постои силен притисок да се најде жена кандидат.
Естонската премиерка Каја Калас, популарна личност во алијансата, исто така често се споменува како кандидат.
Се разговара и за холандскиот премиер Марк Руте, шпанскиот премиер Педро Санчез и британскиот министер за одбрана, Бен Валас.






