Како во психолошки трилер власта во битката за уставни промени игра на двете карти кои според воените психолози најмногу влијаат на перцепцијата на граѓаните.
Со помош на пораки кои носат страв и надеж власта ја таргетира јавноста и се обидува во исто време граѓаните да се уплашат и да станат оптимисти дека промената на уставот ќе донесе резултати.
Мисијата да заплашува очигледно во владата ја добила министерката за одбрана Славјанка Петровска која деновиве порачува дека ако нема уставни промени и дојде до запирање на евроинтеграциите ќе има безбедносни реперкусии.
Министерката Петровска во интервјуто за емисијата „Утрински печат“, кое беше пренесено и на официјалната интернет-страница на Министерството за одбрана, истакна дека процесот на „европската интеграција на Македонија е безбедносно прашање, затоа што сите отворени прашања во државата и регионот може да бидат злоупотребени и малициозно искористени за несакани дејства и подгревање на страстите“.
Петровска тврди дека посветеноста на Владата и на една поширока неформална коалиција, која се формира околу прашањето за евроинтеграциите и уставните измени, е исправниот пат.
Улогата на ширач на оптимизам и уверување дека ,,ќе цветаат рози” ја има Бујар Османи кој иако на ниво на ЕУ нема никаква најава за интензивирање на процесот на проширување на унијата дава изјави во тој правец.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи кој и самиот знае да упати закана за дестабилизација вчера изјави дека се појавува нова патека за Западен Балкан, пред се поврзано со геополитичкиот момент и со Украина. Османи потенцира дека сега е во наши раце дали ќе бидеме дел од таа патека или ќе се изолираме. Албанија, додава тој, ќе се приклучи на Србија и на Црна Гора, ние ќе останеме со БиХ и со Косово.
Шефот на дипломатијата Османи деновиве во Брисел имаше средба со еврокомесарот за добрососедство и проширување Оливер Вархеји која ја искористи да ја заврши својата задача, да шири оптимизам кој не е поткрепен ниту со Нон Пејпер.
,,Мислам дека тоа што ги кажа Вархеји и што го кажуваат сите во Брисел е дека дефинитивно се појавува нова патека за Западен Балкан, пред се поврзано со геополитичкиот момент и со Украина. Ова го кажувам отворено. Очигледно за Украина ќе има еден нов момент во однос европската перспектива дури оваа година. Не може да се премине Западен Балкан за да се овозможи таа патека, што значи дека ќе мора да има патека и овде и таму. Сега е во наши раце дали ќе бидеме дел од таа патека или ќе се изолираме. Со тоа Албанија ќе се приклучи на Србија и на Црна Гора, ние ќе останеме со БиХ и со Косово”, рече Османи во интервју за ТВ 24.
Психолошките операции со кои моќни играчи се обидуваат да направат пресврт во држави и општества не е нова појава но тоа никогаш не се случило со власт која е целосно корумпирана а стравот и надежта ја шират луѓе кои немаат речиси никаков интегритет.






