Калоѓера: Според писмото што го создале, Кирил и Методиј неспорно припаѓаат на македонското културно наследство

Хрватскиот славист и македонист Горан Калоѓера, поранешен почесен конзул на Македонија во Хрватска, неспорно е дека светите браќа Кирил и Методиј му припаѓаат на македонското културно наследство, со оглед на писмото што го создале врз основа на говорите на македонските Словени од околината на Солун.



„Во прилог на Денот на сесловенските учители Кирил и Методиј, само неколку зборови, бидејќи сè е речено и напишано, за паметните доста, за будалите никогаш, притоа мислам на бугарската наука, политика, кои упорно, до бесвест, со сите средства сакаат да го навртат на својата воденица епохалното дело на светите браќа.

Го читам интервјуто на Митко Панов и го одобрувам во секоја запирка, реченица, точка. Човекот јасно, научно втемелено, по стоти пат ги повторува општо познатите факти дека светите браќа солунци се креатори на глаголското писмо, кое се темели на говорите на една од словенските византиски склавинии во составот на византиското царство. Панов има право, Кирил и Методиј немале никаква врска со бугарската држава, тие биле поданици на византискиот цар и во негово име ја одработиле својата работа во Моравија. Тоа, секако, не може да се рече за Климент и за неговите другари, но големото Климентово НЕ во придружувањето и создавањето на кирилското писмо, како и јасното несогласување со Борисовата политика, го одведуваат во Кутмичевица, потоа Дева и Охрид, кадешто ја ревалоризира глаголската традиција, покренува низа активности, од описменувањето, едукацијата на локалното население, ширењето на христијанството и секако продолжувањето на делото на Кирил и Методиј.

Јасно е и тоа треба да се каже гласно дека овие средновековни интелектуалци исклучиво го следеле патот на глаголството и на кирилометодиевската традиција, што првенствено ги прави духовници, а потоа научници, поети, кои со бугарската држава немале контакти (Кирил и Методиј) или во целост ја одбиле (Климент и Наум). Врз основа на тоа, по мое скромно мислење, со оглед на писмото што го создаваат на темелот на словенско-македонските говори, нивната припадност кон македонското културно наследство е неспорна.

За нас во Хрватска е важна таа македонско-хрватска глаголска спојка, која настанува или со откупот од царот Василиј Први Македонец на затворените Методиеви ученици, кои потоа ги населува на византиските имоти на Крк и на Осор, или, како што наведува професорот Херцигоња, кој не ја исклучува можноста дека до продорот на глаголската традиција дошло од југ, од Македонија, преку Захумје кон северозапад. Во секој случај, глаголското наследство ги врзува нашите два народа, што воедно е и прв креативен контакт на Хрватите и Македонците“, пишува во своето пригодно „пофално слово“ на Фејсбук за Кирил и Методиј еден од основачите на Лекторатот за македонски јазик при Универзитетот во Риека, најброен во светот, кој неодамна одбележа 15-годишен јубилеј.