Ревизија: За пет години наплатени биле 8 милиони евра од ЈП Водовод

Долг од три милиони евра кон државниот буџет и и загуби на вода од 60% покажа ревизијата во ЈП Водовод и канализација Скопје за 2021 година.



Според анализата на Државниот завод за ревизија во период од 2017 до 2021 година трошоците за ангажирани адвокати, нотари и извршители за изготвување на нотарски платни налози за заостанати долгови кон ЈП Водово и канализација Скопје изнесуваат приближно осум милиони евра, а судските трошоци околу 380.000 евра.

Со извршената ревизија финансиските извештаи констатирано е дека не е извршена уплата на надоместок за користење на води и за испуштање во води на трезорската сметка во Буџетот на Република Северна Македонија во износ од 185.543 илјади денари и меѓудругото е утврдено дека: 

– со 30% од корисниците на услугите на јавното претпријатие не се склучени договори, поради што меѓусебните права и обврски со нив не се регулирани; 

– новите вработувањата не се спроведуваат по претходно обезбедени известувања за обезбедени финансиски средства од надлежните органи; 

– во трговскиот регистар и регистарот на други правни лица при Централниот регистар на Република СМакедонија не е извршен упис на основната главнина на претпријатието како основачки влог; 

– нерегулирани права на сопственост во АКН за земјиштето и дел од градежните објекти кои во деловните книги се евидентирани со вредност од 100.729 илјади денари, односно 1,6 милиони евра неевидентирани објекти во сметководствената и материјална евиденција, неусогласена материјална евиденција за линиските објекти со податоците од имотните и евидентните листови, како и земјиште и објекти, кои се евидентирани во сметководствената евиденција, но за истите не се обезбедени уредни и веродостојни документи со што не може да се потврди нивната точност, површина и сопственост. 

– утврдени се неправилности во начинот на пресметка на платата за административните службеници; 

– не се врши соодветно разграничување на трошоците за регрес, односно резервирање на трошоците за отпремнина во временскиот период кога настанале што влијае на реално и објективно прикажување на обврските и расходите; 

– утврдена е загуба на вода во системот за водоснабдување која изнесува 60% од
произведената вода и 

– утврдени се неправилности во начинот на доделување на договорите за ЈН. 

Во делот Нагласување на прашања за неизвесност и континуитет ревизијата ги истакна следните прашања кои се однесуваат на: 

– пониско утврдената цената за услугата за снабдување со вода за пиење за едно АД во приватна сопственост во однос на цената која е определена да ја плаќаат субјектите во категоријата стопанство; 

– последователно именување на три лица за в.д. директор без објавување на јавен оглас; 

– запишано право на залог (хипотека) на административната зграда и земјиште; 

– судските постапки во кои ЈП Водовод и канализација Скопје се јавува како тужител и тужен и 

– преземените мерки за наплата на сметките и фактурите за потрошена вода, подигнат смет и надомест за одржување на јавното градско зеленило кои не се платени од страна на домаќинствата и субјектите од стопанството, како и анализа на трошоците за ангажирани адвокати, нотари и извршители.

Од вкупно 295.700 корисници на вода ЈП Водовод нема склучено договор со 30% од корисниците, односно со 89.634 корисници, што ја отежнува наплатата за извршените услуги.