Села со рафална стрелба кон Владата, на нишан Анѓушев и Нухиу

Зијадин Села не чекаше долго за да се пресмета со своите довчерашни коалициски партнери во Владата, вперувајќи го прво прстот кон вицепремиерот Кочо Анѓушев и кон заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.



„Нема да гласаме закони како предложениот Закон за енергетика од министерот за економија, со кој се предлагаше мини хидроцентралите, кои се дадени под концесија насекаде во Македонија, да преминат во сопственост на концесионерите. Една таква хидроцентрала има во Струга, која е под концесија на Анѓушев, која сега, според Законот, требаше да му премине во сопственост. Тој член од Законот беше истражуван и потоа исфрлен од работната група. Да, беше тргнат, но што ако не се истражуваше, ако медиумите не ја вршеа својата работа. Кој го поднесе тој предлог? Владата. Господинот Заев работи за Анѓушев или за граѓаните? И министерот за економија, кадар на ДУИ, работи со директиви и е кадар на Анѓушев или треба да ги застапува интересите на граѓаните?“, праша претседателот на Алијанса за Албанците.

Нухиу, пак, се најде на удар на Села за непостапување за време на настаните од 27 април, кога беше министер за внатрешни работи, дело за кое е притворен тогашниот директор на Биро за јавна безбедност, Митко Чавков.

„Обвинението што се покренува против (Абдулфетах) Фетаи (член на собраниското обезбедување – н.з.) е за непостапување. Но, добро кој постапил таа вечер? Постапувал ли министерот за внатрешни работи Нухиу, кој сега е награден со позицијата заменик-министер за внатрешни работи? Не постапувал. Постапувал ли заменикот на Чавков, Дехари, кој сега повторно е награден со истата позиција?! Не постапувал. Постапувале ли 200-те полицајци кои беа пред Парламентот, од кои ниту еден не е ставен во притвор?! Не постапувале“, констатира Села.