Зборот „Македонија“ и сите деривати од него се прифатливи само како географска одредница во името на соседот, порача денеска Комунистичка партија на Грција (ККЕ).
„Повторното оживување на прашањето за името на ‘Скопје’ и развиените политички аспирации од сите страни не смеат да го сокријат тоа дека основата на заедничката потрага, како на Владата на СИРИЗА-АНЕЛ, така и на другите партии, е дека решението (какво и да е) мора да биде поврзано со пристапувањето на соседната земја во НАТО и во ЕУ, кои беа и продолжуваат да бидат основните фактори за нестабилноста, војните и промената на границите на Балканот и во поширокиот регион. Спротивно на другите партии, вклучувајќи ја и СИРИЗА – поранешна Синаспизмос, која учествуваше во националистичките демонстрации – ККЕ е единствената партија што со години има јасен став: во преговорите со кои се бара заемно прифатливо решение вклучувањето на каков и да е начин на името ‘Македонија’ и на сите деривати од него мора да се прифатат само како географска ознака. Мора да се стави крај на иредентистичката пропаганда и заедно да се признаат неповредливоста на границите, територијалниот интегритет и суверенитет од двете страни“, соопшти Прес-службата на Централниот комитет на Комунистичката партија на Грција.





