Џафери предводи делегација во Ватикан во чест на Св. Кирил

Државно-црковна делегација од Македонија, од денеска до четврток (25 мај), ќе престојува во Рим и Ватикан по повод одбележување на празникот Св. Кирил.



Делегацијата на Денот на сесловенските просветители, годинава ја предводи претседателот на Собранието Талат Џафери кој денеска ќе се сретне со претседателот на Домот на пратениците на италијанската република Лоренцо Фонтана.

Во попладневните часови ќе присуствува на концерт на учениците од трета година во МБУЦ, Гоце Златев и Магдалена Дрмач.

Утре, државно – црковната делегација ќе присуствува на аудиенција кај папата Франциск во Ватикан, а потоа Џафери ќе има средба и со државниот секретар на Светата столица кардиналот Пјетро Паролин.

Македонската делегација ќе присуствува и на молебен во базиликата „Сан Клементе“ во Рим, каде што ќе положи венец на гробот на Св. Кирил, а потоа ќе ја разгледа изложбата на македонскиот уметник Решат Амети во амбасадата на Светата столица.

Дел од набиената агенда утре е и положување цвеќе пред спомен – плочата на македонски јазик во чест на Св. Кирил во базиликата „Санта Марија Маџоре“.

Посетата на Рим и Ватикан во четврток ќе заврши со средба на Џафери со претставниците од Центарот за изградба на светилиштето на Мајка Тереза.

Во делегацијата предводена од претседателот на парламентот се и тројца пратеници (Соња Мираковска, Дафина Стојаноска и Арбер Адеми), генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова, како и директорите на Комисијата за односи со верски заедници и на Институтот за македонски јазик, Даријан Сотировски и Елена Јовановска-Грујовска.

Од црковни лица во делегацијата се митрополитот европски г. Пимен, митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, како и отецот Митко Газинковски од Македонската православна црква-Охридска архиепископија и отецот Зоран Стојанов од Католичката црква.

Во состав на придружната делегација се новинарски екипи од МТВ, МИА, Сител, ТВ 24 и ТВ 21. По одржување на секоја од активностите во програмата, Кабинетот на претседателот на Собранието ќе достави соопштение за јавноста, фото и видео материјал.