Македонија со поголема покриеност на увозот со извоз од Хрватска

Според анализата на турската новинска агенција Анадолија, Македонија е на третото место меѓу земјите од поранешна Југославија во однос на надворешно трговската размена, односно по покриеноста на увозот со извоз.



Вкупната вредност на извозот на Македонија во периодот јануари-октомври 2017 година изнесува 255.455.873 илјади денари (4.657.736 илјади долари) и бележи раст од 15,9 отсто во однос на истиот период минатата година. Вредноста на увозот истовремено изнесувала 343.296.039 илјади денари (6.246.066 илјади долари), што е за 11,7 отсто повеќе отколку во истиот период минатата година.

Така, трговскиот дефицит во периодот јануари-октомври 2017 година во Македонија изнесува 87.840.167 илјади денари.

Покриеноста на увозот со извоз во Македонија со тоа во периодот јануари-октомври 2017 година изнесува 74,4 отсто.

Словенија е единствената од некогашните шест југословенски републики со суфицит во надворешно трговската размена, односно покриеност на увозот со извоз од 103,5 проценти, а пред Македонија е и Србија со 78,9 отсто.

Иако членка на Европска унија, Хрватска е зад Македонија со 62,9 проценти, следува Босна и Херцеговина со 60,88 отсто, а далеку заостанува Црна Гора само со 16,2 отсто.