Градоначалничката на Скопје тврди дека наводниот долг на Градот поради кој се наоѓал пред банкрот, е манипулација која ја шират ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
За проблемите кои настанаа измината недела, Арсовска додаде дека паниката и стравот кој го шират ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кај граѓаните нема да им помине бидејќи свесноста на граѓаните е на повисоко ниво.
Арсовска во гостување во вестите на „ТВ24“ рече дека го решила проблемот со приватните превозници.
„Проблемите ги создадоа СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Секој ден велат дека нема автобуси, а на Совет ја бојкотираат одлуката за набавка на нови 250 автобуси. Понудено им е да изберат банка, но тие тераат инает. Очигледно заврши како што кажав, ние немавме долг и го решивме проблемот. Само сакаме чесно да се работи. Овие луѓе кои влегуваат во системот се чесни. Од утре решението е правосилно“, кажа Арсовска.
Таа им порача на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да не напаѓаат и да се договорат дали Град Скопје тајно им исплатил на превозниците или воопшто не им плаќал. Истакна дека долг немало ниту ќе има. Секој месец стигнувала факутура и таа секој месец се плаќала. Тоа се луѓе кои ќе се прилагодат на стандардите на приватниот превоз и луѓе кои чесно работат, вели Арсовска. Договорите се потпишуваат, а согласно решението тие ќе започнат со работа од утре“, рече Арсовска вчера.
Приватните превозници прекинаа да возат низ скопските улици во ноември 2022 година поради неисплатени долгови, а потоа со повеќе од 300 автобуси ги блокираа важните крстосници во Скопје.







