Откако потпретседателот на Владата Бојан Маричиќ ја обвини опозицијата за сеење страв кај граѓаните и влијанието врз нивното мислење за што се против промената на Уставот, од Социјалистичката партија прашуваат дали следни на листата на „обвинети“ ќе бидат – граѓаните.
„За Социјалистичката партија на Македонија непријатен е мотивот за приземната квалификација на Маричиќ со која тој повторно ги потценува граѓаните и опозицијата. Неговата изјава за политичарот кој ги решава проблемите може да се сведе на лош хумор со ниска соддржина. Вистинската состојба е таа што токму тој и целиот владин состав ги создаваат сите проблеми кои ниту знаат и ниту сакаат да ги решат.
Затоа имаат насушна потреба да обвинуваат други“ – велат од СПМ.
„Останува општиот впечаток од реакцијата на Маричиќ дека тој не е подготвен да го прифати мислењето на граѓаните. Следниот чекор по првичното обвинување на опозицијата е директно да ги обвини и самите граѓани, а во овој случај станува збор за огромен број од македонскиот народ. Како потврда за напуштање и непочитување на националните ставови и интереси, оддамна констатирано за СДС.
Маричиќ е докажан габаритен креатор на илузии, подметнувања и градење на визија за ветер и магла. Од незаслужената и со ништо оправдана позиција тој со леснотија ги лаже граѓаните за отпочнати преговари со Унијата, во што ниту самиот не верува.
Бесполезно е нему и илјада пати да му се повторува, но затоа ја потсетуваме јавноста дека преговори нема и нема ни да има заради подреденоста на Маричиќ и сите останати како него кон странските и бугарските барања.
Народот тоа добро го знае и затоа се изјаснува против уставните промени“, велат од Социјалистичкаа партија.







