Министерството за одбрана на Русија потврди дека Бахмут е „ослободен“, по што рускиот претседател Владимир Путин им честиташе на паравоената организација „Вагнер“ и на припадниците на руските вооружени сили за заземањето на украинскиот град.
„Во артемовската тактичка насока, како резултат на офанзивните дејства на јуришните одреди ‘Вагнер’, со поддршка на артилеријата и на авијацијата на ‘Јужната’ група војски, беше завршено ослободувањето на градот Артемовск“, објави Министерството за одбрана.
„Владимир Путин им го честита завршувањето на операцијата за ослободување на Артемовск на јуришните одреди ‘Вагнер’, како и на сите војници на единиците на руските вооружени сили, кои им ја дадоа потребната поддршка и заштита на страните“, се вели во соопштението од Кремљ.
Официјалните ракции од Москва уследија по објавата на шефот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, дека Бахмут е „ослободен“ напладне по локално време, а Киев набрзо негираше.
Точно една година претходно, на 20 мај 2022 година, под руска власт падна Мариупол на брегот на Азовско Море.






