Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени на барање од Град Скопје ќе направи експертиза и проверка на сигурноста и оштетувањата на мостот, „Беласица“ кој беше опожарен минатиот четврток.
Ќе се направи експертиза и проверка на сигурноста и оштетувањата на мостот, којашто се состои од визуелна инспекција, земање примероци за проверка на носивоста на бетонот и на оштетената арматура, а исто така ќе направиме на одредени места земање примероци, коишто поточно ќе ни ја покажат состојбата на бетонот. Добро е што како репер ќе ни служи другата страна на мостот којашто воошто не е оштетена, рече Михаил Гаревски од ИСОГКП на денешната заедничка прес конференција со градоначалничката Данела Арсовска.
Гаревски смета дека експертизата која ќе ја прави Институтот не би смеело да биде повеќе од 20 дена, но таа ќе покаже дали треба санација.
„Првичните информации говорат дека благодарение на брзата реакција на пожарникарите, оштетувањата на објектот се минимални и не довеле до нарушување на структурниот интегритет на мостот“’, рече Арсовска според која таа лично и службите на Град Скопје и уште од првата вечер биле на терен на увид во настаната штета при пожарот.
Градоначалничката апелираше до сите институции да бидат на висина на задачата и прво да се спроведат сите можни испитувања со цел да се дојде до вистински заклучок кога најбрзо мостот може повторно да биде пуштен во употреба.
„Паушалните тврдења како досега кои произлегоа од политичките агенди на групи и поединци, што само шират страв и паника помеѓу граѓаните, не помагаат никому.
Жалам што можам да констатирам дека секоја непогода со која се соочува градот резултира со медиумски линч на градската администрација иако на граѓаните им е јасно дека се работи само за очајни обиди за собирање на политички поени“, рече Арсовска.







