Градежници: Мостот кај „Ист гејт“ може да остане затворен цела година, надлежните да покажат сериозност

Мостот „Беласица“, кој ги поврзува Железничката станица и Трговскиот центар „Ист гејт“ во Скопје, а кој беше опожарен, може и една година да остане затворен за сообраќај. Деканот на Градежниот факултет Горан Марковски вели дека самите истражни работи ќе траат околу два месеца.



Самите истражни работи сигурно ќе потраат, според мојата проценка околу два месеца затоа што навистина се треба да се изработи квалитетно. Не е лесно да се направи форензика на мост после ваков пожар“, рече Марковски во денешното гостување во утринската емисија на ТВ Телма.

Според Марковски ќе треба да се утврдат карактеристиките на материјалите кои се вградени во мостот и во каква состојба се наоѓаат, а за тоа е потребно време.

Колку понатаму ќе биде потребно време за да мостот се пушти во употреба ќе зависи од добиените резултати. Тоа се некои маргини. Ако се констатира дека треба некоја скромна санација тогаш тоа ќе потрае неколку месеци. Но, ако се констатира дека имаме посериозни оштетувања, се надевам и поскаувам да не биде така, тогаш можно тоа да потрае и една година“, додаде Марковски.

Но, според него колку време ќе трае санацијата многу ќе зависи и од законските процедури кои се пропишани.

Се зависи и од тоа колку ќе мора да се почитува таа законска процедура или ќе се добие некоја урегнтност за да може да се делува. Но, маргините се тие во кои ќе може да очекуваме решение за овој мост“, додаде деканот Марковски.

Од Град Скопје посочуваат дека во моментов се работи на вештачење на состојбата на мостот со цел утврдување дали воопшто има структурно оштетување, по што ќе се направи проценка дали во наредните денови ќе се врати во употреба веднаш, или, пак, ќе има каква било интервенција пред да се стави во употреба.