Ниту една македонска партија не прифаќа албански јазик во Уставот

Навистина не можам да сфатам како лидерот на Алијанса за Албанците може воопшто да рече дека македонските партии прифатиле такво нешто, коментира претседателката на ЛДП, Моника Зајкова.

„Никогаш не сме разговарале на таа тема“. „Не сме изустиле ни зборче за албанскиот јазик“. „Ниту во партија, ниту во рамки на владина коалиција сме одлучувале за барањето на албанските партии“.



Вака, најголемиот дел од лидерите на македонските политички партии ја коментираат изјавата на првиот човек на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, кој порача дека сега е време да се внесе албанскиот јазик во македонскиот Устав, но и дека македонските политички партии декларативно го прифатиле предлогот и дека ќе гласаат за оваа уставна измена.

– Во Македонија имаме официјален албански јазик, но тој се нарекува јазик што го користат 20% од граѓаните, а нашето барање е 20% да се замени со албански јазик. Ова го поддржуваат сите албански политички партии, но и македонските политички партии декларативно – изјави вчера Таравари.

За да се увериме дека работите стојат онака како што тврди лидерот на Алијанса за Албанците, но и да дознаеме кои се тие македонски политички партии кои јавно и декларативно даваат поддршка на внесувањето на албанскиот јазик во Уставот, одлучивме да им поставиме прашање на сите македонски политички партии – пишува Плусинфо.

Притоа немало ниту една партија која „декларативно ја поддржува уставната измена“.

Од Владата, пак, одбија да го коментираат барањето на Таравари, но велат дека уставните измени се државен приоритет.

Од СДСМ брифираат дека фокусот на работната група ќе биде ставен само на приоритетите предвидени во преговарачката рамка со ЕУ и дека сега не е време за вметнување на албанскиот јазик во Уставот.

Како што велат нашите партиски соговорници, премиерот Димитар Ковачевски веќе ги известил лидерите на партиите од коалицијата дека фокусот на работната група не смее да се менува, а тие наводно прифатиле.

Од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ велат дека никогаш не дале согласност за внесување на албанскиот јазик во Уставот.

– Не сме разговарале за тоа и не сме дале никаква согласност. Исто како што и Таравари се согласи да го турне ДУИ поради криминалот, а сега се во иста коалиција и се одржуваат на власт – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Ниту збор за албанскиот јазик

Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, тврди дека никој и никогаш во владината коалиција воопшто не изустил ни збор за внесување на албанскиот јазик во Уставот.

– Ниту во партија, ниту во рамки на владина коалиција сме разговарале за внесување на албанскиот јазик во Уставот. Навистина не можам да сфатам како лидерот на Алијанса за Албанците може воопшто да рече дека македонските партии прифатиле такво нешто. Дури и да прифатиме, најпрво треба да консултираме внатрепартиски став. Не треба да се користи моментот на отворање на Уставот за ниту едно друго прашање, освен за тоа што го имаме како услов за да го продолжиме процесот на преговори по поглавја со Европската Унија. Ако веќе наметнуваме други прашања, тогаш и ние како партија имаме низа предлози за разни работи. Мислам дека не е време моментот на отворање на Уставот да се користи за кое било друго прашање освен за остварување на целта, а таа е да го започнеме процесот на евроинтегрирање. Од друга страна, пак, си постои и си функционира Законот за јазици, секој човек си зборува на јазикот на кој сака да си зборува, па јас не гледам потреба зошто сега треба да ги комплицираме работите и да го оптоваруваме Уставот – вели Зајкова.

Сличен став дели и претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, која вели дека воопшто не се ни сеќава дека некогаш се зборувало на оваа тема помеѓу партиите.

Целата анализа на следниот линк:

https://plusinfo.mk/samo-vo-glavata-na-taravari-deklarativnoto-ne-znachi-deklarativno-da-nema-ni-edna-makedonska-parti-a-ko-a-prifa-a-albanski-azik-vo-ustavot/