Европарламентарецот Александар Јорданов, кој е член на коалицијата ГЕРБ-СДС и на групата Европски народни партии, вчера се обиде да испровоцира инцидент во Собраниетѕо по што беше исвиркан од пратениците.
Тој тврдеше, среде расправата на Мешовитиот комитет Македонија- ЕУ, дека Гоце Делчев е Бугарин, дека браќата Миладиновци објавиле бугарски народни песни а ги нарекле македонски само затоа што биле од географскиот регион Македонија, дека кај нас се дискриминираат граѓаните што се декларираат како Бугари и генерално нема атмосфера за уставни промени.
„Во парламентот очигледно нема атмосфера за уставни промени. Ве прашувам, кога ќе се случат тие? Слушнав примери за дискриминација на Бугарите во Северна Македонија, за опожарување на културните клубови, за славење на сторителите, за носење на ретроактивниот закон – сето тоа е неприфатливо во Европската унија. Дали е ова владеење на право? Ова не е само прашање на односите на Бугарија и Македонија, ова е прашање на човекови права и вредности“, рече Јорданов, кој порано беше и амбасадор на Бугарија во Скопје. Тој потоа се префрли на држењето лекции од историја, која како што повтори неколкупати треба да се базира на реалноста, а не на тоа како сакаме ние да изгледа реалноста.
„Мора да знаете историја. Таа е вечна дисциплина. Гоце Делчев неколкупати се декларирал како Бугарин. Браќата Миладиновски напишаа зборник на бугарски народни песни кои ги нарекоа македонски само затоа што се од регионот на географска Македонија. Не може тие да станат македонски песни“, рече Јорданов, по што наиде на довикувања од пратениците дека ова не е час по историја, дека има кој да расправа за тоа, дека постои историска комисија и дека историјата овде не е тема, на што тој возврати дека, напротив – историјата била европска вредност. Притоа не пропушти да порача дека приемот на Македонија во ЕУ зависи најмногу од добрите односи со Бугарија.
По ова наиде на довикувања од пратениците дека ова не е час по историја, дека има кој да расправа за тоа, дека постои историска комисија и дека историјата овде не е тема, на што тој возврати дека „ историјата била европска вредност“.
-Непримерно е овде да зборувате за тоа, ниту пак имате научни докази како се чувствувале Македонците, му возврати Соња Мираковска од СДСМ. Потоа го потсети дека Комитетот на министрите на Советот на Европа има резолуција која утврдува дека нашата држава системски не го дискриминира бугарското малцинство. За законот за имињата на граѓанските здруженија му порача дека е усвоен со консензус од сите политички партии, дека тие не се забрануваат туку начинот на кој се именуваат и дека такви правила има и во Германија. За уставните измени рече дека е формирана работна група која работи на нив и дека станува збор за долг процес во кој самата процедура за измена на Уставот трае четири месеци.
Реагираше и Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ кој рече дека нема втор пример во светот на ваков систематски начин да се удира по правото на самоопределување на еден народ, по правото да го именува мајчиниот јазик и слично и дека е крајно понижувачко Македонија да треба да ја менува историјата и да менува како се определува за да влезе во Европската унија.







