Македонскиот кошаркар Димитриевиќ МВП на плејофот во ВТБ-лигата

Македонскиот кошаркарски репрезентативец Ненад Димитриевиќ е прогласен за најдобар играч во разигрувањето за титулата во ВТБ-лигата, највисок ранг на натпреварување во Русија, во кое учествуваат и по една екипа од Белорусија и од Казахстан.



На 15 одиграни средби во плејофот кошаркарот на новиот шампион Уникс од Казан оствари просек од 15,8 поени, 5,3 скока, 3,2 асистенции и 1,2 украдени топки по натпревар.

Посебно расположен беше 25-годишниот бек во последниот меч против Локомотив Кубан, кога со своите 34 поени беше најзаслужен за победата од 98:89 за конечни 4:1 во финалната серија.

Димитриевиќ за новиот првак на Русија настапува од минатата година како зајмен играч од шпанска Валенсија.