Украинските воени разузнавачи тврдат дека руските сили веќе не се способни за офанзивни дејства од големи размери и главно се посветени на одбраната.
Она за што Москва сè уште има капацитет е одржување на сегашниот интензитет на ракетни напади, додаваат тие.
Портпаролот на украинското воено разузнавање Андриј Јусов синоќа изјави за украинската телевизија дека, кога станува збор за „должината на целата линија на фронтот“, руските сили се „во дефанзива“ и дека немаат ресурси што ќе им овозможат „да ја повторат големата офанзива операции“.
„Сето ова време тие се подготвуваат за одбрана и ова е важен фактор што украинската команда го зема многу сериозно кога се подготвува за деокупација на украинска територија“, додаде Јусов.
Но истовремено, агенции јавуваат за нови руски напади врз Киев: „Непријателот почна комплексен напад од повеќе правци и во исто време, со дронови, крилести ракети и веројатно балистички ракети“, соопшти воената управа на Киев на Телеграм.
Според соопштението, нападот бил „невообичаен според интензитетот и огромниот број ракети во многу кратко време“. Како што се вели од Киев, „големо мнозинство“ од „непријателските цели“ биле откриени и уништени на небото над Киев.
Ова е осми напад врз Киев овој месец. Нападот доаѓа еден ден по враќањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски од патувањето во Италија, Германија, Франција и Велика Британија, пренесе Дојче веле.






