Градоначалничката Данела Арсовска соопшти дека приватниците треба да се вратат на скопските улици, но дека сè уште не се потпишани договорите со нив, бидејќи траат проверките на автобусите и документацијата на сите фирми кои конкурирале за добивање на работата. Колку време ќе трае овој процес не се знае.
„Она што го имавме како постапка, беше прекинато на два пати. Имаа недостатоци во документацијата, сега им е целосна документацијата, и во рамки на законски, јавниот повик е исполнет, договорот се склопува неделава, и очекувам скоро дека ќе се реши. Од прилика осум дена од потпишувањето на договорот приватните автобуси ќе се вратат на улиците и очекувам тоа да биде кон крајот на овој месец. Ова што го направија во изминатите неколку дена, имаше проверка во ЈСП на ГПС системите, и тоа како постапка беше завшрено, и сега следува само официјализација на договорот“ рече Арсовска синоќа во гостување на ТВ21.
Арсовска соопшти и дека системот на исплата на превозниците ќе биде подобрен сто тоа што парите директно ќе им се исплаќаат на сметките поединечно на секој превозник за да нема систем „тебе олку, тебе толку“ и жалби од превозниците.
„Ние сме платиле до последно. Ние им ги плаќавме парите авансно, еден месец однапред за да имаат средства да возат наредниот месец, тоа се големи пари, по 400.000, 500.000, 600.000 евра однапред“, нагласи Арсовска, пренесува Плусинфо.
Приватните превозници, според последниот јавен оглас, кој беше објавен минатиот месец, треба да опслужуваат 16 линии.
Некои медиуми неофицијално дознаваат дека приватните превозници кои веќе 65 месеци не возат, ќе се вратат на улиците до крајот на овој месец.






