Министерот за финансии најави повисоки плати за работниците, ама за в година, од јуни ќе се задолжуваат граѓаните преку обврзница

Министерството за финансии планира да се задолжува и кај граѓаните преку нова граѓанска обврзница. Таа ќе се издаде во јуни, а државата ќе ги намени парите за капитални проекти. Министерот за финансии Фатмир Бесими не прецизираше колкава ќе биде точно каматата, но рече дека таа ќе биде меѓу каматните стапки на банкарските депозити и еврообврзницата. Во оваа обврзница граѓаните ќе може да ги вложуваат своите заштеди, а каматата што ќе ја добијат ќе биде поголема од банкарската.



Имам дилема дали и јас да купам обврзница, поради конфликт на интереси, но тоа може да го сторат премиерот и другите министри. За мене, ќе ја консултирам Државната комисија за спречување на корупцијата, но, еве ви кажувам јас ќе си купам една обврзница од 10.000 денари, макар и да ме казни ДКСК – рече Бесими. 

Бесими очекува од овој инструмент да има прилив од околу 50 милиони евра.

Ова го планираме две години, на граѓаните да им овозможиме да купуваат обврзници и да ги вложат своите пари во сигурна инвестиција. Ова е начин да се зачува вредноста, бидејќи поради високата инфлација нивните пари ја губат вредноста, а со обврзницата ќе бидат заштитени – истакна Бесими.

И додека власта попезно најавува задолжување и кај граѓаните, екс министерот за финансии, Џевдет Хајредини, за Алфа рече дека со ваквиот начин преку граѓанска обврзница само се потврдува дека државната каса станува се попразна, а власта по секоја цена бара начин да ја пополнува буџетската дупка, која станува се поголема.

Според Народната банка, во март на годишно ниво каматната стапка на денарските депозити без девизна клаузула била 1,5%. Последната еврообврзница што ја издаде државата беше со купонска каматна стапка од 6,96%. Колку за илустрација, како што посочи и Бесими, Хрватска издаде граѓанска обврзница со камата од 3,5%.