Кон крајот на јануари, додека неговите платенички сили масовно гинеа во битката за уништениот град Бахмут, сопственикот на Вагнер, Евгениј Пригожин, упатил необична понуда до Украина.
Пригожин рече дека доколку украинските команданти ги повлечат своите војници од областа околу Бахмут, ќе му предадат на Киев информации за позициите на руските трупи, кои Украина би можела да ги искористи за да ги нападне.
Пригожин е во јавен конфликт со руските воени команданти, за кои тврди дека не успеале да ги опремат и да ги снабдат неговите сили, што е од витално значење за воените напори на Москва. Но, тој е и сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, кој би можел да ја смета понудата на Пригожин за размена на животите на Вагнеровите борци за руски војници за предавство, пишува Вашингтон пост.
Протечениот документ не појаснува кои позиции на руските војници Пригожин понудил да ги открие.
Двајца украински функционери потврдија дека Пригожин имал неколку разговори со украинската разузнавачка служба.
Еден функционер рече дека Пригожин постојано давал понуда во врска со Бахмут, но дека Киев ја одбил затоа што властите не му верувале на Пригожин и верувале дека неговите предлози може да бидат неискрени.
Еден американски функционер, исто така, предупреди дека во Вашингтон има слични сомнежи за намерите на Пригожин.
Во неодамнешното интервју за Вашингтон пост, украинскиот претседател Володимир Зеленски не сакаше да ги потврди контактите со Пригожин:
„Ова е прашање на воено разузнавање“. Украинскиот лидер, исто така, се спротивстави на јавното објавување на доверливи информации и рече дека верува оти истекувањето е од корист за Русија.






