Никој не знае до кога ќе биде затворен за сообраќај мостот „Беласица“ до „Ист Гејт“

Мостот „Беласица“ до „Ист Гејт“ останува затворен за сообраќај барем во догледно време – до кога не се знае. Ниту Град Скопје, ниту Центарот за управување со кризи не знаат кои се причините за пожарот кој пред неколку дена беснееше на мостот. Како што кажаа од ЦУК, бетонските огради ќе се отстранат откако тој ќе се санира. Стојанче Ангелов до сега неколку пати рече да се внимава, но други детали околу причините и штетите на мостот не сподели. За повеќе информации не упати во Град Скопје, од каде одговор, како по обичај, нема.



Покрај сигнализација, од двете страни на мостот има полиција, која не дозволува поминување. И денеска забележавме дека пешаците се обидуваат да поминат, но попусто, иако до вчера пешаци безгрижно го поминуваа, па дури и ги прескокнуваа поставените огради.

За проблемот да биде уште поголем, од другата страна на мостот пак, под Железничката станица, како барикади се поставени уметнички дела. Кој и зошто ги поставил – никој не кажува. Алфа праша во Град Скопје, зошто наместо железна ограда се ставени уметнички дела, но од таму одговор нема.

Порај мостот, небезбедно за минување е и околу кејот на реката Вардар, кој се наоѓа под опожарениот мост поради одрон на бетон. Денеска метежот во Скопје беше намален, барем на овој дел, но веќе од утре, хаосот на оваа крстосница ќе биде уште поголем. Од Град Скопје претходно кажаа дека „надлежноста за мостот е кај Центарот за управување со кризи и МВР, кои по достава на извештаите од лице место ќе известат за понатамошно постапување.“

Инаку пожарот кој го зафати мостот, неофицијално бил со температура од 1.000 С, службите го гаснеа скоро четири часа. Изгоре електричната инсталација, како и обвивката на цевководите од системот за парно греење.