Бранителот на трофејот Вардар ја продолжи својата доминација во Купот на Македонија во ракомет со победата над Еурофарм Пелистер од 26:25 во финалето во Охрид за 16. пехар во 30. издание на ова натпреварување.
Клучна се покажа предноста на „црвено-црните“ од три гола во последните четири минути, како и прекршокот од Моралес во самиот финиш, по кој битолчани имаа само удар од 9 метри, кој Атанасиевиќ го испрати покрај голот на Ристовски.
Дутра од Вардар е прогласен за МВП на завршниот турнир, неговиот соиграч Манасков најдобар стрелец, а Ристовски најдобар голман.
Со хет-трикот против пелистерци во последните три финалиња на Купот, составот на Недановски им се реваншира за, најверојатно, примопредадената шампионска титула токму на тимот на Јовиќ и Шундовски.
Пелистер останува трет на листата на освојувачи на Купот со 5 трофеи, еден помалку од Металург, а по еден имаат Куманово, Борец и Прилеп.






