Министрите за надворешни работи на Европската унија (ЕУ) во петокот го поддржаа намалувањето на економската зависност на блокот од Кина. Останува да се одлучи како ова да стане реалност, пренесува Гласот на Америка, цитирајќи го шефот за надворешна политика, Жозеп Борел.



Министрите за надворешни работи дале поддршка на планот за прилагодување на политиката кон Кина за да се стави поголем акцент на нејзината улога како политички соперник.

Во исто време, тие продолжуваат да го гледаат Пекинг и како партнер во глобалните прашања и како економски конкурент.

Борел рече дека ЕУ мора да научи од „стратешката грешка“ што ја направи во годините пред војната на Москва во Украина со тоа што стана премногу зависна од рускиот гас.

Тој рече дека ЕУ денес е уште повеќе зависна од Кина за клучните технологии како соларни панели и за критични материјали отколку од руската енергија.

„Отстранувањето на ризикот е само збор. Но зад тој збор се крие многу работа за која ќе биде потребно време за да се разгледаат сите наши економски односи со Кина“, рече тој.

Борел нагласи дека целта не е да се „разедини“ европската и кинеската економија, туку да се врати рамнотежата на односите.

Официјалните лица сега ќе го усовршат предлогот да им го претстават на водачите на ЕУ, кои се очекува да разговараат за Кина на самитот во јуни.

Планот е последен обид да се постигне рамнотежа меѓу ставовите на 27-те земји-членки на ЕУ, да се зачува карактеристичниот пристап на ЕУ кон Пекинг и да се одржи блиско партнерство со Вашингтон, кој се залага за построг став кон Кина.

Во документот се вели дека координацијата со САД „ќе остане од суштинско значење“.

Но, се вели дека ЕУ „не треба да се придружи на идејата за игра со нулта сума каде што може да има само еден победник во билатералната конкуренција меѓу САД и Кина“.

Борел рече дека има најмалку три причини за „прекалибрирање“ на политиката кон Кина:

Тој рече дека тоа е „степенот до кој Кина се менува со национализмот и идеологијата во пораст; заострувањето на американско-кинеската конкуренција што влијае на сите области на политиката; и фактот дека Кина е клучен играч во регионалните и глобалните прашања“.