Само една четвртина скопјани плаќаат данок на имот!?

Податоците на Градот Скопје покажуваат дека само 25% од сопствениците на имот во Скопје плаќаат данок на имот. Дури 75% од имотите во главниот град не се пријавени, дознава Плусинфо.



И во останатите локални самоуправи во земјава не е подобра ситуацијата, а одделни општини воопшто и не наплаќаат ваков данок.

Од Градот и од општините велат дека немаат целосни податоци за имотите и за сопствениците на имоти на нивните територии, а причина за тоа се пропусти при преносот на ингеренциите од централната кон локалната власт во однос на даноците.

Сега овие податоци ги добиваат од Агенцијата за катастар за што треба да платат надоместок за услугата кој зависно од бројот на сопственици на имоти прави баснословни суми кои општините треба да ги обезбедат од сопствените буџети.

Бесплатен пристап до овие податоци имаат Управата за јавни приходи, Финансовата полиција, МВР и Министерството за финансии, но не и општините кои издаваат решенија за данок и за кои тоа е еден од основните приходи. Тоа се должи на тоа што земјава не е децентрализирана.

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска вели дека Градот сега треба да издвои повеќе од 2 милиони евра за да ги добие податоците за сопствениците на имот за да може да им издаде решенија за данок.

Толку им побарале од Агенцијата за катастар за да им ги дадат податоците, пишува Плусинфо.