Пред изборите Ердоган и Мицотакис си „подаваат рака“

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во изјава за Катимерини изрази желба да иницира нова ера во односите на Грција со Турција. Тој во пресрет на претседателските избори викендов во Турција му пренесе и порака на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.



„Можеме да ги оставиме настрана непријателствата и натпреварите со Грција, бидејќи тие значително им наштетија на двете земји и не треба да опстојуваат. Се надевам дека изборите во Грција и Турција ќе означат почеток на нова ера. Од Турција ги испраќаме нашите топли и пријателски поздрави до Грција“.

На прашањето дали има порака или желба за Мицотакис, Ердоган одговори: „Мицотакис мора да ги забележи овие впечатоци и да ги исполни своите ветувања“.

Грчкиот премиер вели дека ќе му подаде „рака на пријателство“ на победникот на претстојните избори во соседот на земјата и долгогодишен регионален ривал Турција, но додава дека се надева дека следната влада „ќе го преиспита својот пристап кон Западот“.

Кирјакос Мицотакис, кој и самиот се соочува со избори за нешто повеќе од една недела, рече дека е подготвен да разговара со секој што ќе излезе како победник од неделните избори во Турција.

„Но, јас не сум наивен“, рече тој за Асошиејтед прес во едно опширно интервју додека беше на кампањата во централна Грција во четвртокот навечер. „Знам дека надворешната политика на земјите не се менува од ден на ден“.