Граѓани утрово се собра пред Основниот кривичен суд на претходно најавен собир за поддршка на др Жан Митрев пред почетокот на судскиот процес.
На претходното рочиште, кое се одржа на 5 април, пред судот исто така имаше собир, но на него беа дел од оштетените, семејства на починати пациенти.
Тогаш судскиот процес беше одложен со образложение дека одбраната нема направено увид во доказите.
На денешното рочиште треба да се дадат воведни зборови, а обвинетиот Митрев да се произнесе дали чувствува вина.
Обвинението против Митрев се однесува на прикривање клучни факти за хемофилтрацијата – метод кој бил прикажуван дека е алтернатива за лекување ковид-пациенти, иако не смеел да го прави тоа.
Предметот против Жан Митрев и клиниката во Обвинителството беше отворен по документарниот филм „Нечиста крв“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) емитуван во јули 2022 година.
По спроведена истрага, обвинение беше поднесено на 10 јануари годинава, а по прифаќањето следуваше и закажувањето на првото судско рочиште.






